петок, 15 ноември 2024

Претседателот на Иран би сакал да ги отстрани сомнежите за нуклеарната програма на неговата земја

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, пречекувајќи го денеска во Техеран шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, рече дека сака да ги отстрани „сомнежите и нејаснотијата“ во врска со нуклеарната програма на неговата земја.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Гроси оцени дека е клучно со „заедничка работа“ со Иран да се „избегне војна“.

Гроси рече дека е неопходно да се добијат конкретни резултати кои ќе покажат дека заедничката работа ќе ја подобри ситуацијата и генерално ќе ги оддалечи сите од конфликти, на крајот и од војна.

„Нуклеарните постројки на Иран не треба да бидат нападнати“, рече Гроси.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагши, сепак предупреди дека Техеран нема да преговара под „закани и заплашувања“.

Шефот на иранската организација за атомска енергија, Мохамад Еслами, рече дека Иран „веднаш“ ќе реагира во случај на странски притисок, што беше упатување на можна критичка резолуција на Лондон, Берлин и Париз во Советот на гувернери на агенцијата МААЕ на ОН.

Разговорите на шефот на МААЕ во Техеран се сметаат за последна шанса за дипломатија пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа во јануари, бидејќи израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, во понеделникот изјави дека Иран е поранлив од кога било досега на напади врз неговите нуклеарни постројки.

Според договорот од 2015 година меѓу Иран и неколку земји, вклучително и САД, склучен во Виена по 21 месец преговори, беше предвидено олеснување на меѓународните санкции против Иран во замена за гаранции дека Иран нема да бара да добие нуклеарно оружје, што Техеран силно го оспорува.

Три години подоцна, Трамп ги повлече САД од тој договор и повторно воведе тешки санкции кон Иран.

Оттогаш, Иран значително ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто, додека според Меѓународната агенција за атомска енергија, за атомско оружје потребно е збогатување да биде близу 90 отсто, според договорот од 2015 година, степенот на збогатување ураниум не треба да надминува само 3,65 отсто.

Гроси е во Иран по втор пат, првиот пат беше годинава во мај. Тој рече дека утре ќе посети два капацитети за збогатување ураниум – Фордо и Нантез за да добие слика за развојот на програмата.

Од 2021 година, Иран значително ги намали инспекциите на своите нуклеарни постројки, надзорните камери беа исклучени, на групата експерти ѝ беше одбиена акредитацијата.

Во 1970 година, Иран го ратификуваше Договорот за неширење на нуклеарно оружје, кој бара од потписниците да ги пријават своите нуклеарни инсталации и да ги стават под контрола на МААЕ.

Во контекст на зголемените тензии со Израел во последниве години, неколку ирански функционери јавно се запрашаа дали воопшто треба да имаат атомска бомба како средство за одвраќање.

Ајатолахот Али Хамнеи, кој е на власт од 1989 година и е главниот одлучувач за најважните прашања, особено за нуклеарното, забрани какво било прибегнување кон нуклеарно оружје со верски декрети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ