среда, 20 ноември 2024

Претседателот на Чешка: Што се буни Русија, таа прва користи странско оружје од Иран и Северна Кореја

Претседателот на Чешка, Петр Павел вчера негираше дека дозволата на западните земји Украина да гаѓа цели во Русија може да значи ескалација на конфликтот бидејќи, како што потсети, Русија прва користи странско оружје – беспилотни летала и ракети од Иран и Северна Кореја.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Русија напаѓа цивилни цели, ги напаѓа со балистички ракети, ги напаѓа со беспилотни летала што не се сите произведени во Русија. Голем дел од беспилотните летала, особено во почетокот на конфликтот, беа од Иран. Русија користи балистички ракети испорачани од Иран и Северна Кореја“, предупреди чешкиот претседател.

Петр Павел во интервју за денешното издание на чешкиот весник „Блеск“ оцени дека доцна ѝ е дадена дозвола на Украина да гаѓа цели во Русија со западно оружје и додаде дека, ако Русија ја нападне Украина со оружје доставено од странство, по која логика Украина треба да не смее да го прави истото со Русија.

„Украина не ја нападна Русија. Украина се брани. А одбраната не значи само одбрана во сопствените граници, бидејќи тоа ќе ѝ даде на Русија огромна предност. Ако на Украинците не им беше дозволено да гаѓаат цели на руска територија, тогаш Русија може лесно да ја нападне украинската територија од својата без никаква одмазда“, рече Павел.

Чешкиот претседател и претходно предупредуваше дека според меѓународното право, нападнатата земја има право да се брани од агресорот, вклучително и со возвратни напади на територијата на агресорот.

„Путин нема ниту една причина да зборува за каква било ненадејна ескалација. Секако не е добро да се игнорираат изјавите на претставниците на рускиот режим и само да се одмавнува со рака. Од друга страна, многу пати во текот на овие 1.000 дена конфликт се покажа дека Русија рекла: ‘Тука е црвената линија’, а потоа ништо не се случило“, рече чешкиот претседател.

Петр Павел предупреди дека светот не треба да дозволи да биде вовлечен во дискусии за тоа дали дозволата на САД да гаѓаат цели во Русија е ескалација или не, или дали ескалацијата е самата руска агресија.

„Ние се водиме од фактите и меѓународното право“, рече претседателот Павел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ