вторник, 8 октомври 2024

Премиерот не очекува проблеми во ПИОМ со линеарното зголемување на пензиите

Предлог-буџетот за следната година би требало да се најде на владина седница на 16 октомври. Во него ќе се внимава да не се зголеми буџетскиот дефицит, а економска активност меѓу другото се очекува со унгарскиот заем и со почетокот на работата на Фени, најави вечерва премиерот Христијан Мицкоски. Тој не очекува ниту пореметувања во стабилноста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со линеарното зголемување на пензиите.

Објавено на

часот

Сподели

Мицкоски вели дека пари се обезбедени. Какво ќе биде понатамошното нивелирање на пензиите од септември следната година, како и во 2026 и 2027 година, според Мицкоски, ќе зависи од тоа какви ќе бидат приходите и како ќе функционира македонската економија.

„Затоа многу внимателно кажуваме и многу внимателно ветуваме. Не сакаме да кажеме нешто коешто понатаму нема да го исполниме. Тоа што бевме уверени дека ќе го исполниме, тоа и го направивме. Би сакал оваа традиција на линеарно зголемување да продолжи понатаму, но тоа ќе зависи од приходите што ќе доаѓаат во буџетот во што длабоко во себе сум убеден дека ќе бидат уште попозитивни од овие првични претпоставки што ќе бидат содржани во буџетот во делот на приходната ставка, истакна Мицкоски во гостување на МРТ.

Во однос на можноста за нов ценовен шок за струјата, премиерот рече дека е оптимист и дека не очекува зголемување на цената на струјата без разлика на ситуацијата со Украина каде електроенергетскиот систем е уништен и дека таа ќе повлече од струјата на европскиот пазар.

„Имаме план и јасно дефинирани чекори. Оптимист сум, не очекувам ценовен шок“, рече Мицкоски.

Премиерот најави дека на 10 или на 17 октомври ќе биде конституиран и ќе почне да работи Економско-социјалниот совет (ЕСС).

Во однос на забелешките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) дека не е свикан ЕСС во првите 100 дена од работата на Владата и дека ништо не е направено, Мицкоски рече дека ССМ е една од ретките институции кои се политички инструирани, тврдејќи дека претседателот на Сојузот е избран на сомнителен начин.

„Тие дури не почекаа ни стотина дена, а веднаш почнаа да ја напаѓаат Владата. Не почекаа ни десет дена. Тогаш претседателот на ССМ, кој на сомнителен начин е претседател, почна да ја напаѓа новата Влада. Единствената негова порака беше да нападне со цел да обезбеди повисоки плати, без притоа воопшто да има каков било параметар на располагање и заедно да разговараме. Без притоа воопшто да побара средба или да оствариме каков било дијалог“, додаде Мицкоски.

Тој напомена дека оние кои што побарале средба, таа била реализирана. Потенцираше дека разговараат со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), но и со другите синдикати кои побарале дијалог.

„Тие што побараа, како што е СОНК беа кај нас, разговаравме и процесот тече. Исто така, голем дел од синдикатите кои што се обратија до соодветниот министер, имаа дијалог и дел од барањата веќе се усогласени. Мислам дека многу скоро од денеска, дел од синдикатите, заедно со Владата ќе излеземе со една конечна позиција и ќе постигнеме договор. Жалам што таков начин е избран претседателот на ССМ, тој на сомнителен начин е претседател, но тоа е нивен избор и јас тука не можам да судам, додаде Мицкоски.

Што се однесува до работодавачите, Мицкоски рече дека тој континуирано разговараат со стопанските комори.

Говорејќи за преговорите со Европската Унија (ЕУ) и проблемот со Бугарија истакна дека преговорите нема да ни ги решат домашните проблеми, туку прво треба да си ја завршиме домашната задача, а Владата е фокусирана токму на тоа, решавање на домашните проблеми и решение за ЕУ кое ќе биде предвидливо.

„Треба да бидеме дел од европското семејство и тука нема дилема. Дали имаме поддршка, не од една, ние имаме поддршка од 26 земји членки и за сите тие не е важно какво ќе биде решението, туку да има решение. Освен една тоа е нашиот источен сосед кој е сега во предизборен период. Да почекаме кој ќе биде исходот од тоа. За сите останати 26 земји членки е важно да има решение, и во нив има помалку гласни и повеќе гласни поддржувачи“, рече премиерот Мицкоски.

Тој нагласи дека на таа тема бил многу гласен хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и на неговата билатерална посета во земјава унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Поентата е што ние мораме заеднички да работиме ако сакаме да дојдеме до решение кое што ќе биде предвидливо. Ние сега немаме предвидливо решение. Многумина велат таа преговарачката рамка и е јасна. Да, но нејасен е патот и целта. Тоа е проблемот. Не би се сложил со констатацијата дека мнозинството граѓани мислат дека овој процес на преговори нас ќе ни ги реши сите проблеми како животната средина, повисок стандард, повисоки плати…“, посочи премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека Македонија денеска ги има европските фондови на располагање, но проблемот е дали сакаме да си ја завршиме домашната задача.

„Ако сакаме, ќе ја завршиме и со ова сега што го имаме на располагање. Преговарањето не значи членство, туку подразбира процес во кој ние ќе го зголемуваме капацитетот на институциите и ќе добиеме поинакви вештини во рамки на администрацијата. Од нас самите зависи дали сакаме да си ја завршиме домашната задача. Ние како Влада сакаме и сме фокусирани на тоа“, изјави Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека сето она кое се случуваше изминативе децении создаде фрустрација кај граѓаните и таа фрустрација е огромна, затоа што оваа преговарачка рамка нема јасна цел и светло на крајот на тунелот.

„Сите почнале и го завршиле процесот, ние немаме таков јасен показател и параметар. Кога ќе има и тоа би го зграпчиле. Нашиот став околу одложеното дејство не е ништо повеќе од формула која функционирала како што е Преспанскиот договор кој велеше дека амандманите ќе станат ефективни кога грчкиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за државава во НАТО. Велат дека Преспанскиот договор бил ремек дело на дипломатијата, ајде тогаш тоа да го реплицираме тоа, уставните амандмани да важат кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Ако е тоа добро, само да го копираме и примениме“, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека после сѐ што Македонија направила, што никој не го направил, ниту еден народ, ниту една држава која е членка, заслужува да го добие прашањето за одложеното дејство.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ