„Седум години ја ограбија ЕСМ и сега во четири-пет месеци направивме чудо да ја консолидираме компанијата за да не дојде до зголемување или ако дојде до тоа, да биде во рамки на два до три проценти. Тоа е навистина успех кога една компанија, која во 2017 година имаше милијарда денари депозити во банки и околу 360-370 милиони на сметка, без долгови, а за седум години беше уништена и во периодот што следи јавноста ќе биде запознаена што се е правено, за помалку од четири месеци да ја консолидирате – на депонија да имате околу 200 до 250 илјади тони јаглен, се увезува јаглен по 10, 15, 20 отсто пониски цени, да договорите цена на природен гас која нема да биде берза плус 11 евра, туку берза плус четири евра, а по Нова Година очекувам и тоа да поевтини…. Кога ќе ги подготвите сите овие активности, тогаш доаѓаме до она што го говорам дека не очекувам да има зголемување од 10, 15 или 20 проценти како што е тоа случај во многу држави од регионот и Европа. Очекувам, ако има зголемување, тоа да биде незначително во рамки од еден до три проценти“, рече Мицкоски.
Очекува ЕСМ да биде целосно консолидирана на крајот на 2025 година или почетокот на 2026 година.
Во петок се очекува ЕСМ да ја достави својата понуда до Универзалниот снабдувач по што треба да биде донесена одлука за цената на електричната енергија.
На прес-конференцијата во Владата по потпишувањето на договорите за државна помош со компанијата Бреинчајлд, Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања се осврна и на претстојната средба со банкарите којашто, според најавите ќе се одржи во недела, а на која ќе се разговара за условите под кои ќе се дава унгарскиот кредит на бизнис секторот.
„Нашиот став е дека сите заедно треба да работиме исто како што се работеше во Ковид кризата или во енергетката криза. Ако тие мислат дека не треба така да работат, тогаш во ред, нивна е одлуката, тие се приватни субјекти, како Влада не можеме да се мешаме. Наше беше да обезбедиме средства за бизнисот, тоа што можевме, како Влада го направивме. Очекувам сите заедно да работиме за појака економија“, рече Мицкоски.
Со чекорите што се преземени во делот на енергетиката и 250-те милиони од унгарскиот кредит за бизнис секторот, според Мицкоски, се антиципирани можните ризици што можат да влијаат врз македонската економија како што се кризата во Германија како наш најголем извозен партнер и предизвиците што претстојат со цената на електричната енергија.
Владата веќе работи на изградба на когеративни централи за затоплување на неколку локации, со цел да се намали аерозагадувањето во Скопје, но и во другите градови во земјава, рече Мицкоски кој одговараше на новинарско прашање во врска со обвинувањата од опозицијата дека Владата ништо не презема за справување со аерозагадувањето.
Мицкоски истакна дека ваквата порака на опозицијата шокира, бидејќи како што рече „седум години буквално камен на камен не ставија, ако се зафатеја да работат нешто можеби до ова и немаше да дојде, односно можеби ќе беше поинаку“. Тој забележа дека на намалувањето на аерозагадувањето работат интензивно, а најголемиот фактор за загадувањето е токму затоплувањето на домовите со дрва, масло, стари плакари и друго, а токму ова е 60 отсто од причините за загадувањето на воздухот. Посочи дека како Влада се во потрага по партнери за изградбата на когеративни централи.
„Ние сме сега во потрага по партнери, коишто на основа на пазарни услови, а не на привилигирани, како што имаше стратешки инвестиции во минатото, заеднички со Владата ќе вложат во систем за затоплување на нашите домови, а кој што ќе биде резултат на согорување на природен гас, односно корегативни централи, кои ќе произведуваат и електрична енергија и гас. Имаме во план неколку да направиме и на тој начин цениме дека барем за 60 проценти ќе биде намалено загадувањето и почнуваме тоа да го развиваме“, изјави Мицкоски.
Посочи дека со овие инвестиции ефектите ќе се почувствуваат за три до четири години.
-Но, ова е единствениот начин како веднаш да реагираме и да направиме нешто со коешто ќе успееме да го подобриме квалитетот на воздухот. Нема друг начин, магија не постои, чудо не постои, денес ако почнеме тоа да го работиме и развиваме, а веќе го развиваме резулатите за три до четири години ќе ги очекуваме. За жал минатите седум години ништо не направија, изјави Мицкоски.