„Значи имаме премиер кој утрото се буди, попладнето дава оставка, а вечерта се премислува затоа што на човекот тоа место му е подарено и не му се одговара толку брзо, па си вика, да се тргнам и да се спасам на време. Ковачевски прифати улога со која не може да се носи, и затоа да се охрабри и да го направи чекорот, веднаш да поднесе оставка“, рече Мицкоски.
Поради ова, Мицкоски побара оставка од целата Влада.
„Немавте храброст за дебата за договорот со Коридорот 8 и 10д, барем имајте храброст да ставите потпис на вашата оставка. Оставка барем да не го загубите достоинството ако барем и малку ви преостана. Оставка затоа што со секој ден мислење дали да ја дадете или не, дополнително ја тонете Македонија. Направете го чекорот, охрабрете се и дајте оставка, така ќе ја спасете Македонија и ќе направете едно нешто добро во овој малку мандат што ви остана“, рече Мицкоски.
Тој порача дека оставката нема да биде бегство од одговорност, затоа што, како што рече Мицкоски, ќе се одговара и правдата ќе го гони за секој еден украден денар.
„А и да ви кажам за да знаете. Ниту една оставка нема да ви биде бегство од одговорноста која следи. Ќе одговарате за секој денар и ќе ве гони правдата сѐ додека не го вратите и последниот украден денар. За ова го имате мојот збор“, кажа Мицкоски.
Тој се осврна и за коридорите 8 и 10д, како и за економската состојба. Забележа дека државата е на колена поради неуспесите кои ги создава власта, како и дека е во црвена алармантна зона.
„Стапката на раст на бруто-домашниот производ за четвртото тримесечје од 2022 година е само 0.6 %. Вкупниот раст на економијата беше далеку од прогнозираниот и само Русија и Украина кои се во војна имаат помала стапка на раст на своите економии оваа година. Извештајот на Светска банка покажува дека македонската економија годинава ќе порасне за само 2,1% што е најниско ниво во Европа“, вели Мицкоски.
Посочи дека поголем бруто домашен производ имаат и Босна и Херцеговина, како и Косово.