Во заедничката изјава, лидерите на Г7 истакнаа дека не сакаат да ѝ наштетат на Кина и бараат „конструктивни и стабилни односи“ со Пекинг, препознавајќи ја важноста на искрениот ангажман и изразувајќи загриженост директно до Кина, пренесе АП.
„Ја повикуваме Кина да изврши притисок врз Русија да ја запре воената агресија и веднаш, целосно и безусловно да ги повлече своите трупи од Украина“, се вели во соопштението и се додава: „Ја охрабруваме Кина да поддржи сеопфатен, праведен и траен мир, заснован на територијалниот интегритет и на принципите и целите на Повелбата на ОН, вклучувајќи ги и директните разговори со Украина“.
Соработката со Кина е неопходна со оглед на нејзината глобална улога и економската големина, истакнаа лидерите на Г7, повикувајќи на заедничка работа на предизвиците како што се климатските промени, биодиверзитетот, долгот и потребите за финансирање на ранливите земји, глобалните здравствени проблеми и економската стабилност.
Групата од седумте најразвиени земји, исто така, изрази „сериозна загриженост“ за ситуацијата во Источното и Јужното Кинеско Море, каде Пекинг го проширува своето воено присуство и се заканува дека ќе употреби сила за да воспостави контрола над Тајван.
Г7, исто така, се обедини во изразувањето загриженост за човековите права во Кина, вклучително и во Тибет, Хонг Конг и крајниот западен регион Ксинџијанг, каде постоењето на присилна работа е повеќегодишно прашање.