вторник, 22 октомври 2024

Правото е дел од пристапниот процес, велат Гир и Дрекслер по изјавата на премиерот за нивно мешање

Се надеваме да продолжи дијалогото со владата, владеењето на правото е дел од пристапниот процес кон ЕУ, им одговорија на новинарите евроамбасадорот во заминување Дејвид Гир и германската амбасадорка Петра Дрекслер прашани за коментар на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека странските амбасадори се мешаат во внатрешните работи на државата, а директен повод беа критиките од дел од амбасадорите на идејата на премиерот да се распушти Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Фото: Работна средба во Клубот на пратениците

Објавено на

часот

Сподели

Амбасадорот Гир рече дека премиерот покренал важни прашања во однос на потребата за реформа на владеењето на правото.

„Ова е од суштинско значење за европскиот пат на земјата и ние ќе продолжиме да се ангажираме со премиерот и со Владата за да ги разгледаме најдобрите начини за да се оди напред. Се надеваме на конструктивен дијалог, делиме исти цели, за да ја донесеме земјата во ЕУ колку што е можно побрзо“, истакна Гир на НАТО работниот појадок во Клубот на пратеници во организација на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Гир го поздрави фактот дека новата влада продолжува да го гради она што го започнала претходната Влада – поддршка за НАТО, продолжување на усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и континуираната поддршка за Украина.

На сличен став со Гир е и германската амбасадорка Петра Дрекслер, која коментирајќи ја изјавата на Мицкоски, рече дека ќе го продолжат дијалогот со новата Влада.

„Ќе го продолжиме дијалогот со новата Влада и верувам дека тоа ќе се вреднува од двете страни. Имаме размена на прашања во областа на владеењето на правото, што е дел од процесот за пристапување во ЕУ, Кластерот Темели е многу важен и се надеваме дека ќе го продолжиме дијалогот со Владата“, нагласи Дрекслер.

Откако дел од амбасадорите изразија забелешки за најавата за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, Мицкоски вчера изјави дека станало пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи во државата и ако имаат подобри решенија дека ќе ги прифати.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ