петок, 18 октомври 2024

Пожарите зафатија уште еден туристички остров во Грција, луѓето се евакуираат со чамци и бродови (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Ова е втор остров во Грција популарен меѓу туристите кој беше зафатен од огромни пожари. Огнената стихија веќе беснее на островот Родос, а голем број жители и туристи вчера беа евакуирани со приватни чамци од плажите бидејќи пламените јазици ги загрозија одморалиштата и крајбрежните села. Околу 30.000 гости и жители беа евакуирани од Родос, пишува Скај њуз.

Пожарникарите велат дека туристите се безбедно евакуирани од погодените области на Родос – кои претставуваат помалку од 10% од туристичкото сместување на островот – и се пренасочени во други хотели на островот. Три хотели во областа Киотари пријавија штета од пожар.

Дел од евакуираните се сместени на затворен стадион на островот, според заменик-шефот на островот, кој додаде дека пожарникарите често имаат потешкотии на Родос поради неговата богата вегетација, што го прави атрактивна туристичка дестинација.

Повеќе од 260 пожарникари работат на локализирање на пожарот на југ и запад на островот Родос во Егејското Море. Стотици туристи, особено британски, германски и француски, бараа лет за дома вчера вечерта на меѓународниот аеродром на Родос, а неколку авиокомпании ги прекинаа летовите до островот.

Утринава два хеликоптери и два канадери продолжија да им даваат поддршка на пожарникарите на островот, една од најважните туристички дестинации во земјата, која во последните децении неколкупати беше зафатена од пожари.

Пожарите се активни во понеделник и во северниот дел на Пелопонез, во Каристос на југот на островот Евбеја и во Беотија на северот на Атина. Во многу области на земјата сè уште е на сила црвениот аларм, односно екстремна опасност од шумски пожари.

Како и секое лето, Грција е зафатена од шумски пожари, често смртоносни, кои опустошуваат десетици илјади хектари шума и вегетација. Ова лето, земјата доживеа еден од најдолгите топлотни бранови во последните години, според експертите на националната метеоролошка служба ЕМИ, со температури кои во текот на викендот достигнаа до 45°C во центарот на земјата.

Во понеделник температурата „благо ќе падне“ со прогнозирани температури до 37°С во Атина, додека во центарот и на Пелопонез живата треба да достигне до 42°С. На Егејско Море се предвидува силен ветер до 50 км/ч. Топлотниот бран се очекува да продолжи и утре со температура до 44°С, според ЕМИ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ