сабота, 19 октомври 2024

Пожар во Грција предизвика експлозии во магацин за муниција (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Нема повредени во магацинот на воздухопловната база Неа Анхијалос, кој беше евакуиран пред експлозиите, а до доцните вечерни часови пожарот веќе не беше активен.

Грчките воздухопловни сили соопштија дека борбените авиони Ф-16 од блиската база биле преместени во друг објект како мерка на претпазливост, но дека базата не била под непосредна закана, пишува АП.

Пожарите беснеат во делови на Грција за време на три последователни медитерански топлински бранови во последните две недели, при што загинаа пет лица, меѓу кои и двајца пилоти за гасење пожари. Исто така, поради пожарот, за време на викендот имаше голема евакуација на туристи од островот Родос.

Од големите експлозии во складиштето за муниција се искршиле прозорците на куќите во околината. Грчката противпожарна служба соопшти дека нема сериозни повреди во околните села, кои исто така се евакуирани како мерка на претпазливост.

Портпаролот на противпожарната служба Јоанис Артопиос изјави дека е наредена евакуација на 12 села во областа Волос-Неа Анхијалос. „И покрај натчовечките напори, нашите сили не беа во можност да го запрат пожарот“, рече тој.

Артопиос рече дека пожарот во областа Волос е најопасниот од 124-те шумски пожари со кои требаше да се справат пожарникарите вчера.

Пожарот гореше на три фронта и принуди дел од најпрометниот автопат во Грција да биде затворен неколку часа. Државната телевизија ЕРТ прикажа како жителите и посетителите во крајбрежното село Анхијалос, на околу 4 километри од местото на експлозијата, се евакуираат по море, додека други заминуваат со автомобили и автобуси.

Крајбрежната стража соопшти дека повеќе од сто жители биле пренесени во градот Волос со мали приватни чамци. Воздухопловната база Неа Анхијалос е на приближно 20 километри од градот каде што можеа да се слушнат силни експлозии.

Пожарот што избувна вчера во Кифисија, северно од Атина, брзо е изгаснат. Грчките пожарникари веќе 10 дена се борат со пожарот на Родос, каде пожарот сега е главно под контрола. Избувнување на пожар е регистрирано и на островот Евија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ