вторник, 22 октомври 2024

Повторно лекар на чело на Гостивар, Ваљбон Љимани избран за в.д. градоначалник

По Арбен Таравари, кој ја напушти градоначалничката функција за да биде министер за здравство, со Гостивар продолжува да раководи лекар. Советот на Општина Гостивар го избра ендокринологот Ваљбон Љимани за в.д. градоначалник, кој функцијата ќе ја извршува до редовните локални избори кон крајот на идната година. Д-р Љимани е вработен во скопската клиника.

Фото: Фесјбук

Објавено на

часот

Сподели

Љимани, досегашниот претседател на општинскиот совет, денеска на вонредна седница доби мнозинството гласови, а против гласаа осуммина од советничката група на ДУИ. Избран беше нов претседавач и член на Советот.

Ваљбон Љимани важи за близок соработник на претходниот градоначалник Арбен Таравари, кој претходно во изјава посочи дека е можно решение и тој да ја преземе раководната функција.

По изборот на Љимани, неговата досегашна функција ќе ја извршува универзитетскиот професор Намик Дурмиши од редовите на Алијанса за Албанците, крилото на Таравари.

Ваљбон Љимани, кој во два наврати го водеше гостиварскиот општински Совет, се заблагодари на укажаната доверба и најави дека до редовните или вонредни избори за градоначалник ќе работи на унапредување на пружањето на општинските услуги, подобрување на инфраструктурата, а наскоро ќе определи и приоритети. Тој од советниците побара и поддршка за спроведување на програмата во неговиот мандат.„Сите нас не обединува заеднички идеал. Ве сметам за тим и не ве разликувам од партиска, вера или етничка припадност. Ве гледам сите исти, како гостиварци. Гостивар мора да блесне за сите генерации што доаѓаат и за сите оние кои го сакаа. Гостивар е моја лична мисија, а со тоа и благосостојбата на секој негов жител“, рече в.д. градоначалникот Ваљбон Љимани.

На денешната вонредна седница имаше и смена во советничките клупи и во редовите на четиричлената советничка група на ВМРО-ДПМНЕ. На местото на координаторот Гоце Димовски, кој од минатата недела раководи со ТИРЗ, дојде петтиот од листата, Милан Јованоски. Наскоро се очекува да биде и пополнето и советничкото место кое му припаѓа на АА.

Поддршка за Љимани во обраќањата дадоа советничките групи од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, додека за неговиот избор против гласаа ДУИ и оценија дека заминувањето на претходникот било непочитување на волјата на гласачите.

Новиот градоначалник на општина Гостивар е специјалист ендокринолог, вработен во универзитетската клиника во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ