сабота, 19 октомври 2024

Последици од загревањето: пределот на Алпите ќе загуби околу 34 отсто од сегашната ледена маса

Како резултат на процесот на загревање на планетата, до средината на векот регионот на Алпите ќе изгуби околу 34 проценти од сегашната ледена маса, па дури и ако топењето, кое трае во последните децении, за некое чудо би прекинало, трендот на стопување би продолжил, покажуваат резултатите од најновото истражување на научниците од Универзитетот во Лозана.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Компјутерските проекции, истакнуваат научниците, укажуваат дека загубата на глечерите всушност би можела да биде поголема и дека, ако се набљудуваат варијаблите на загревање само во последните 10 години, до 2050 година, може да се стопат дури 65 отсто од сите ледени формации на Алпите.

Со помош на вештачка интелигенција и нови алгоритми, швајцарските научници создадоа модел што анализира пократок временски период и со поголема прецизност ги покажува негативните последици од глобалното загревање и топењето на ледените површини, кои, како што се наведува, значително ќе го зголемат проблемот со водата за пиење во овој дел од европскиот континент.

Според податоците на швајцарскиот информативен канал „СВИ“, просечната температура во оваа земја е зголемена, во однос на прединдустрискиот период, за два Целзиусови степени.

На територијата на Швајцарија има вкупно 1.500 глечери, кои се од исклучителна важност за обезбедувањето доволни количества вода за пиење. Со нивното топење оваа земја ќе изгуби 57 кубни километри вода, или 15 отсто од сите резерви.

Намалените врнежи во текот на зимските месеци, како и забрзаното топење на алпските глечери, познати како водната кула на Европа, може со помал протек на вода во летните месеци значително да ги загрозат тековите на големите реки како што се Рајна, Дунав и реката По. Намалувањето на водните капацитети на овие реки веќе има негативно влијание врз земјоделството, енергетскиот сектор и европскиот речен сообраќај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ