понеделник, 21 октомври 2024

По пет години, денеска треба да се објави пресудата за Ласкарци

Точно напладне во Основниот кривичен суд денеска треба да биде изречена пресудата за случајот Ласкарци во кој се обвинети шестмина вработени меѓу кои и сопственикот на фирмата за превоз Дурмо турс, поради страотната сообраќајна несреќа што во 2019 година на автопатот Скопје-Тетово во која загинаа 16 патници, а над 30 беа повредени.

Објавено на

часот

Сподели

Во случајот се обвинети сопственикот на компанијата Дурмо турс, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Бобаровски, кои се товарат за соучество во истото дело.

Според Кривичниот законик казната за кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите изнесува најмалку четири години затвор.

Во доказната постапка од процесот беа изведени повеќе вербални и материјални докази, а беше направено вештачење и супервештачење.

Одбраната на обвинетите во завршните зборови потенцираше дека во доказната постапка не се докажалодека се виновни за кривичните дела за кои се товарат и побараа ослободителна пресуда.

Јавниот обвинител Дарко Јакимовски, од друга страна, во своите завршни зборови побара најстрога казна, бидејќи, според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.

Најстрога казна тогаш побараа и оштетени, родители и роднини на загинатите во сообраќајната несреќа.

Закажаното објавување на пресудата беше причина Судскиот совет минатата недела, тазе избраната апелациска судијка Алекснадра Ристеска времено да ја врати назад во Кривичниот суд затоа што таа е дел од судечкиот совет во случајот Ласкарци. По изрекувањето на пресудата Ристеска и официјално ќе почне да работи на новата судиска функција во Апелацискиот суд Скопје.

Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска. Пресудата треба да биде објавена во 12 часот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ