Истовремено, трае борбата за оспособување на сообраќајната комуникација која со денови беше во прекин, а поради која стопанството на БиХ бележи повеќемилионски загуби. Иако економските загуби не можат да се споредат со човечките жртви, секој ден по таа основа се губат стотици илјади марки – поради прекинот на транспортот на роба со железница, чиј сообраќај е во прекин веќе 15 дена, по целосното уривање на пругата во Јабланица.
Загубите се сè поголеми на југот на БиХ, а во пристаништето Плоче во Хрватска на чекање се огромни количества суровини. Една од компаниите кои бележат милионски загуби е најголемата фабрика за кокс во регионот ГИКИЛ Лукавац. Патниот транспорт кој е едвај воспоставен во Јабланица не е решение, бидејќи трошоците во однос на железницата се многу поголеми.
„Југот и северот на земјата се буквално пресечени. Единствената железничка рута по која оди нашата суровина е пресечена и нема назнаки дека тоа брзо ќе се реши“, вели генералниот директор на ГИКИЛ Алним Суљиќ, наведувајќи дека организирале камионски превоз на суровината за да го зачуваат производството.
„Во оптек се 115 камиони и ние за четири дена превезовме колку што превезуваме за еден ден со железница. Би морале да го намалиме производството, а ако вака продолжи тоа е неодржливо“, вели Суљиќ.
Алтернативни пристаништа не можат да бидат вклучени во овој момент, бидејќи со нив се потпишуваат долгорочни договори. Исклучок е пристаништето Бар, од каде би требало да биде префрлен дел од суровината, што повторно не е доволно.
Конкретно решение од надлежните институции уште нема. Поточно, нема брзо решение со кое би се спречиле повеќе загуби. Претставниците на Железниците на Федерацијата БиХ и Надворешнотрговската комора на БиХ одржаа минатата недела состанок на кој беше одлучено, паралелно со оштетената пруга, во подрачјата погодени од катастрофалните поплави да се поправаат и патиштата.
До тогаш потребните суровини за работа на фабриките ќе доаѓаат од северот, преку Романија. Јагленот од Америка до сега стигнуваше само преку пристаништето Плоче. Поради натрупаната суровина, јагленот сега се пренесува понатаму преку пристаништето Бар, но и романското пристаниште Констанца, од каде ќе се доставува со баржи. Штета покрај ентитетските Железници трпи и Арселор Митал, но и Електростопанство на Србија која исто така увезува јаглен.
Штетата е на околу 17 километри од железницата која е клучна артерија на стопанството на Федерацијата БиХ. Иако се воспоставени алтернативни насоки, прашање е колку таквиот начин на транспорт може да се одржи додека не се случи или недостиг на суровини или енормни поскапувања кај крајните корисници. Надворешнотрговската комора на БиХ вели дека домашните власти сè уште не се свесни со какви тешкотии по економијата се сретнуваат, и дека, освен губењето пари на дневно ниво, стратегиски компании би можеле да ги изгубат и пазарите.
Процесот на обнова нема брзо ни да почне, а не пак да се заврши – особено поради тоа што владата ја поништи одлуката за прогласување состојба на природна несреќа. Тоа во пракса значи подолги процедури за избор на изведувачи на работата, бидејќи мора да се почитуваат сите тендерски процедури, но и жалби кои потоа ќе следат.
Босна и Херцеговина има значителна инфраструктура кога станува збор за железничкиот сообраќај, иако, според сите студии направени уште пред 15 години, ѝ била потребна итна санација. Дел од сообраќајот се одвива од пристаништето Плоче кон северот, а другиот дел кон Бања Лука, па Добој, Сараево, Тузла, сè до Белград. Од двата правци во употреба е само еден, а тој со капацитетот не може да ги преземе сите потреби на пазарот. Ако на тоа се додаде дека Железницата на Република Српска е во огромна финансиска криза, само прашање на време е кога ќе дојде до целосен колапс. Експертите предупредуваат дека мора брзо да се реагира.
„Ние не смееме да заборавиме дека ова е една од најважните магистрали во БиХ која ја поврзува Босна и Херцеговина и секој ден прекин создава огромни трошоци, и за граѓаните и за економијата“, вели економистот Адмир Ќавалиќ, истакнувајќи дека тоа особено се однесува на енергенсите. „Повеќето од тоа се пренесува со железница и какво било одложување на крајот ќе се префрли на потрошувачите, но и на стопанствениците“, вели Ќавалиќ.
Поради тоа е потребно веднаш да се најдат средства, или со ребаланс на буџетот или со кредитно задолжување, но во овој момент е најбитно веднаш да се дејствува, велат економистите.
Катастрофите и несреќите секога се прилика за шпекулирање, а БиХ е првак во тоа, пишува Дојче веле. Дека рефлексиите веќе почнале покажуваат најавите за поскапување на нафтата и нафтените деривати, иако последните информации покажуваат дека цената на барелот на светскиот пазар падна во последните неколку дена. За жал, ова поскапување на горивото е само почетокот, велат економистите, а свој удел во екстра профитот ќе бараат сите во ланецот на производство.