понеделник, 21 октомври 2024

Поради обилни дождови, се излеаја реките во Хрватска и БиХ

Објавено на

часот

Сподели

Поради обилни дождови во изминатите денови дојде до излевање на одделни реки, куќите се поплавени, како и патиштата и јавните згради во одделни градови, пренесе агенцијата Асошиејтед прес.

Во градот Обровац, кој, како што пренесува Индекс, погоден е со најтешка поплава во последните 100 години, откажана е наставата откако водата продрела во училиштата, а делови од градот останаа без струја. Во блискиот Грачац десетина луѓе мораа да се преместат на повисоките катови или да се евакуираат за да ја избегнат надојдената вода.

Околу 300 војници им дојдоа на помош на граѓаните за да ја зајакнат одбраната од поплавите, соопштија властите, додека екипите за вонредни ситуации им доставуваат храна на луѓето што се заробени во своите домови.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ рече дека неговата влада ќе ја додели сета неопходна финансиска и друга помош. 

Властите во Хрватска Костајница, на границата со Босна и Херцеговина, прогласија вонредна состојба откако водостојот на реката Уна драматично се крена во текот на ноќта. Поплави се пријавени и низводно на северозападот на БиХ. Таму најтешка е состојбата во Кулен Вакуф и во Сански Мост, каде што водата продре во станбените објекти, додека во другите средини главно се поплавени патишта и земјоделско земјиште.

Хрватскиот државен хидрометеоролошки завод најави продолжување на врнежите и предупреди за понатамошен раст на нивоата на реките низ целата земја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ