сабота, 20 јули 2024

Пописот во Албанија ги „десеткуваше“ Македонците и правослaвните – реакции од МАЕИ и од албански политичари

„Процесот на попис на населението не беше фер и транспарентен, а меѓународните стандарди и стандардите на Евростат не беа применети“, изјави Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ, за медиумите во Албанија и нагласи дека најоштетена етничка заедница се Македонците затоа што нивната бројка е преполовена во однос на претходниот попис од 2011 година, но и затоа што е воведена непостоечка бугарска заедница. Лидерот на Партијата на слободата, Петрит Васили го обвини премиерот Еди Рама за „наместен“ попис и изразува чудење како е тоа можно православното население да е „десеткувано“.

Објавено на

часот

Сподели

Македонците, лојалните граѓани на Албанија, се незадоволни од резултатите на пописот на населението и огорчени, вели Стерјовски, во името на Македонската алијанса за европска интеграција – МАЕИ и додава дека станува збор за фалсификувани податоци, наведувајќи дека не е можно да има само 2.281 Македонец кога двојно повеќе имало на претходниот попис.

Порталот Аргументум.ал пренесува реакција од МАЕИ, единствената политичка партија на Македонците во Албанија, во која се наведува дека на подрачјето на Преспа, Гора и Голо Брдо, каде што живее македонското малцинство, притисоци вршеле официјални претставници на Бугарија, откако низ годините беа делени бугарски пасоши на албански државјани чија цел била работа во земјите на ЕУ.

„Пред почетокот на пописот, но и за време на пописот на подрачјето на Преспа, Гора и Голо Брдо, каде што живее македонското малцинство, доаѓаа претставници на бугарските институции кои донираа разни средства, подароци и хуманитарна помош, но и правеа пропаганда за жителите да се изјаснат како Бугари во замена за бугарски пасош“, нагласуваат од МАЕИ.

Но и албанската држава била под притисокот на Бугарија и уценета со можна блокада на евроинтеграцискиот пат.

Така, како што наведува порталот, притисокот од Софија резултираше во 2017 година Албанија да признае непостоечко бугарско малцинство во нејзините граници, а по заканата од Бугарија дека ќе стави вето на европскиот пат. Иако, како што се нагласува во текстот, во ниту еден попис на „енверова“ Албанија нема Бугари, но ги нема ниту на пописите потоа, по 1989 година, а и на пописот од 2011 година ниту еден албански државјанин не се изјаснил како Бугарин.

„Албанските институции не презедоа никакви мерки за да му гарантираат на македонското малцинство слободно и непристрасно изјаснување без надворешен притисок од Бугарија, но отворено им помогнаа на бугарските власти во нивните аспирации за асимилација“, велат од МАЕИ.

 

Резултати од пописот на населението во 2011 година

„Друг проблем на кој наидовме за време на пописот беа јавните закани од екстремистички групи од Бугарија, кои беа нашироко емитувани во албанските медиуми, каде што им се закануваа на албанските граѓани кои имаат бугарски пасоши или аплицирале за бугарски пасоши да се изјаснат како Бугари, во спротивно ќе бидат уапсени или пак, немало да им се гарантира безбедност ниту со бугарскиот пасош. Иако побаравме од албанските институции на овие екстремистички групи да им се забрани влез во Албанија за време на пописниот период, албанските власти не презедоа никакви мерки тие да не бидат присутни за време на пописниот процес во областите каде што живее македонската заедница“, велат од МАЕИ, а објави Аргументум. ал.

Во тексто се додава дека покрај бугарската пропаганда, се давале по 300 евра за изјаснување како Бугари, притоа без примена на ниту еден стандард од Евростат при земањето податоци од граѓаните.

Фактот дека Бугарија го контролира пописот во Албанија е што различни луѓе во Бугарија за време на пописниот период во Албанија, на социјалните мрежи објавуваат фотографии од обрасците како се пријавуваат жителите во Албанија. Овие податоци се заштитени со закон, но Бугарија имала пристап.

„Во општина Пустец, чисто македонска средина, каде притисокот на Бугарија е голем, од шест недели колку што трае пописот, населението е регистрирано само во текот на три недели. Во текот на овие три недели, од поплаките што ни пристигнаа, утврдивме дека геодетите не посетиле многу куќи. Многу семејства кои биле физички лоцирани на територијата на општина Пустец и кои побарале да бидат регистрирани, геодетите не ги пријавиле со образложение дека не живеат овде! Иако од ИНСТАТ (Институција задолжена за пописот, н.з.) ни беше ветено дека сите жители на општина Пустец ќе бидат регистрирани и дека пописниот рок во Пустец ќе биде продолжен за две недели како што се случи во другите области во Албанија, тоа не се случи и многу жители не беа регистрирани со пописот“, наведуваат од МАЕИ за Аргументум.ал.

Од македонската партија наведуваат дека бараат повторување на пописот под меѓународен моинторинг.

„Членството на Албанија во Европската Унија е стратешка одлука на нашата земја како и барање на албанските граѓани без разлика на етничката припадност. Македонската заедница во Република Албанија не може да биде колатерална штета на патот на Албанија кон европското членство. МАЕИ не само што не ги призна фалсификуваните пописни податоци за македонското малцинство, туку бараме и од државата и од меѓународните институции да го сторат истото, бидејќи овие фалсификувани резултати отворено излегуваат против уставниот поредок и европските аспирации на Албанија. Затоа, бараме реализација на нов попис, заснован на меѓународни стандарди и под меѓународен мониторинг, за да се гарантира чесен и транспарентен процес кој ќе ја одразува етничката реалност на Албанија“, нагласуваат од партијата.

Проценките на македонските друштва и политичари во Албанија се дека во таа земја живеат околу 120 илјади Македонци во регионите на Преспа, Голо Брдо и  Гора, како и во градовите Тирана (околу 20 илјади Македонци), Корча, Подградец, Елбасан, Драч, Либражд, Скадар и други.

Но, дека попиот на населението во Албанија не е успешен, не реагираат само од македонската и од грчката заедница (која смета дека за десетпати е намален нејзината застапеност) туку и дел од партиите од албанската политичка сцена.

Пратеника Петрит Васили од Партијата на слободата вели дека пописот на населението е фалсификуван и дека затоа неколку месеци податоците „стоеле“ кај премиерот Еди Рама со цел да се „филтрираат“. Дека податоците се фалсификат, Васили го наведува податокот за православното населени и за бектешите.

„Ако стандардно околу една четвртина од населението во Албанија биле православни христијани, како е можно сега православните да сочинуваат само 7,8 отсто од населението? Без оглед на иселувањата од земјата, што е карактеристика кај сите граѓани, без оглед на етничката и верска определба“, прашува Васили во изјава за Сури.нет и наведува дека и бектешите се „намалиле“ на само 4,8 отсто.

„Додека Еди Рама е премиер, секој попис ќе биде манипулативен, провокативен и лажен“, порача Васили.

Инаку, за пописните резултати во Албанија реагираа и од македонското Министерство за надворешни работи по што во пописните резултати е исправена „грешката“ во графата за Македонците, кои претходно беа напишани како „Северна Македонија“ на албански јазик и „северномакедонци“ на англсики јазик.

Но, тоа секако, не е доволно бидејќи станува збор за тенденција за бришење на Македонците од етничката мапа на Албанија, со цел внес на „единствено“ бугарско малцинство. Сан Стефанска Бугарија и натаму е жива кај бугарскиот политички врв, а доказ за обидите за асимилација на Македонците се не само активностите на бугарската Амбасада во Тирана со присуство на „терените“ на Македонците, туку и самата потпретседателка на Бугарија, Илина Јотова, во „жешкиот пописен период“ агитираше во Албанија и тоа за време на официјална посета, па дури отвораше и паралелки со изучување на бугарскиот јазик во Елбасан и на Голо Брдо.

Иако, на пробниот попис во 2019 година само еден човек во Албанија се изјаснил како Бугарин. За првпат и тоа на попис коиј бил само тестирање на големата статистичка операција спроведена четири години подоцна.

Европските интеграции на Македонија и Албанија се под притисокот на Бугарија. Тука за внес на Бугарите во Уставот, а во Албанија пак, во еден дел се успеа со „измислувањето“ на бугарско малцинство во таа земја.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ