четврток, 18 јули 2024
Реакција на премиерот

Понеискусен сум од Мицотакис и Радев, но тука нема да нѐ видат со свиткан р’бет, порача Мицкоски

„Јас сум навикнат на омаловажување и навреди, целиот мој живот е така проследен, но некако па секогаш на крајот победувам. Ќе видиме како ќе биде во овој случај… Жалам што не гледаат промена во политиката овде. Кај нас, во македонската влада, поминаа времињата на политичари со свиткан р’бет, политичари кои се себепонижуваат, политичари кои се подготвени сѐ да потпишат само не да го заштитат интересот на македонските граѓан“, рече премиерот Христијан Мицкоски како коментар на изјавите на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и бугарскиот претседател Румен Радев според кои владата нема познавања од меѓународно и уставно право и не ги почитува меѓународните договори.

Објавено на

часот

Сподели

„Мора да се навикнат на политичари коишто се тука да ги штитат интересите на граѓаните, да работат за доброто на татковината, за иднината и подготвени сме со секого да градиме добрососедски односи. Мојата порака и до едниот и до другиот, сепак тие се поискусни од мене, подолго време се на своите позиции, едниот е претседател на држава, другиот е премиер, ние сме мирољубив, малоброен народ, еден од најмалобројните на Балканот, подготвени сме со секого да соработуваме и соработката ја гледаме како двонасочна улица. Не може да биде еднонасочна. На 8 мај завршија времињата кога ја гледаа соработката со македонските политичари како еднонасочна улица“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Тој ги повика Радев и Мицотакис да соработуваат за економски развој на државите и зближување на народите, а во однос на коментарот за неразбирање на политиката и правото, рече:

„Јас сум навикнат на омаловажување и навреди, целиот мој живот е така проследен, но некако па секогаш на крајот победувам. Ќе видиме како ќе биде во овој случај. Јас сакам ние како балкански држави да ги следиме примерите на друг тип држави, како што се балтичките, скандинавските, па сите заедно со изградени мостови, сложно, здружно, да настапуваме на трети пазари, пред официјалните лица во Европската Унија, насекаде во светот. Да градиме една добрососедска политика. Со омаловажување и со навреди, таа работа не бива, ако тие одлучиле така да тераат. Јас мислев дека таквото однесување сме го оставиле во средниот век, мислев дека сега, во 21 век, треба да зборуваме како заеднички да ја развиваме нашата заедничка економија, образованието, туризмот, луѓето да ги вмрежуваме, да ги зближуваме. Јас сум подготвен за тоа да зборувам и мислам дека моите соговорници од таа страна треба да ги преиспитаат тие свои изјави и начин на однесување. Но сепак, не сум јас тој кој треба да им солам памет што да прават“, рече Мицкоски при посетата на Гевгелија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ