При изготвување на законот, како што соопштија од Министерството за правда, биле разгледани повеќе компаративни искуства како што се решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи.
Од Министерството за правда велат дека причините за донесување на Законот за помилување произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со предлогот.
„Она што е важно е што во него има прецизни рокови и докрај се прецизаат ингеренциите на сите засегнати страни кои учествуваат во процесот. Меѓу другото, се врши и терминолошко усогласување на одделни називи и поими. Односно, со овој предлог на закон за помилување се уредуваат поимот и видовите на помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето“, објаснуваат од Министерството за правда.
Исто така, се вели во соопштението, се разработува постапката за помилување, при што клучни се и одредбите за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, како и на нивните претпоставени.