петок, 18 октомври 2024

Полјачка легално земала таблета за абортус, во болница ја пречекала полицијата

Објавено на

часот

Сподели

Последниот скандал околу рестриктивниот полски закон за абортус изби синоќа кога независната телевизија ТВН24 објави дека докторката на Полјачката коjа побарала помош и рекла дека оди во болница, ја известила полицијата, иако во Полска дури ни според строгиот Кривичен законик не се казнува трудница која сама ќе предизвика абортус.

„Полицајците ми рекоа да се соблечам. Не се соблеков целосно бидејќи сè уште крварев и за мене тоа беше преголемо понижување, па пукнав и почнав да им викам што сакаат од мене“, изјави Полјачката, која раскажа што се случило пред три месеци во две болници во Краков.

На аматерска снимка од болницата што ја пренесе ТНВ24 се гледа како жена плаче и се жали дека полицајците ѝ го земале лаптопот.

„Четворица полицајци чуваа една исплашена жена. Направија кордон околу пациентката и ни ја отежнуваа работата. Не можеа да ни кажат ни зошто ја испрашуваат таа пациентка“, изјави еден од лекарите за телевизијата, под услов да остане анонимен.

Полицијата ги легитимирала лекарите, а жената во придружба на полицијата била пренесена во друга болница, каде полицијата повторно ја чекала да ја сослуша и ѝ бил одземен мобилниот телефон.

Иако нагласила дека таблетата за прекинување на бременоста ја набавила без ничија помош, дека тешката одлука да ја прекине бременоста ја донела сама бидејќи почнала да ѝ го загрозува здравјето, полицијата покренала истрага по член од законот кој се заканува со казна затвор до три години за секој кој ѝ помага на трудница во Полска да ја прекине бременоста.

„Докторот нема право да пријавува во полиција кога ќе се појави кај него жена после абортус, бидејќи негова прва задача е доброто на пациентката, а не да кодоши за евентуалната помош на полицијата“, велат активисти од невладина организација која им помага на Полјачките да набават апчиња за абортус.

„Нападот на полицијата и обвинувањата за жена која бара помош во болница е само почеток“, објави денеска на Твитер лидерот на полската опозиција од либералната Граѓанска коалиција, поранешниот премиер Доналд Туск.

Пред еден месец, во 70 градови низ Полска и неколку европски метрополи, голем број Полјачки под слоганот „Ниедна повеќе“ протестираа против рестриктивниот закон за абортус во врска со смртта на петтата трудница од сепса во болница поради практиката на полските лекари да не ја спасуваат мајката прекинувајќи ја бременоста, туку да чекаат прво да умре плодот.

Многу лекари стравуваат дека и во оние случаи кои се легални, ќе имаат проблеми со полицијата и обвинителството.

Полската католичка црква и активистите на римокатоличките организации се обидуваат целосно да го забранат абортусот во таа земја, а владејачката партија Право и Правда им излезе во пресрет така што го забрани прекинувањето на бременоста во случај на тешко оштетување или болест на плодот. Остануваат само две законски опции – кога животот или здравјето на трудницата е во опасност или кога бременоста е резултат на кривично дело – силување или инцест.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ