вторник, 22 октомври 2024

Полициска акција во централна Србија, уапсени косовски специјалци (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Косовската полиција, пак, соопшти дека во средата тројца нивни граничари наводно биле киднапирани од српските сили за време на патрола во градот Тресава – Баре, на граничната линија на северот на Косово, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Селото се наоѓа во општина Лепосавиќ.

„Во административната зона кон АП КиМ, далеку во длабочината на територијата на централна Србија, припадниците на Министерството за внатрешни работи, Антитерористичката група на специјалната полициска единица, лоцирала и уапсила тројца припадници на т.н. косовска полиција, РЗБС и МШ“, се наведува во текстот на РТС.

Медиумот пренесува дека сите тројца уапсени биле вооружени со автоматско оружје и во целосна воена опрема со ГПС-уреди, мапи и друга опрема.

„Со брза и ефикасна акција на српската полиција, успешно е спречен обидот на таканаречената косовска полиција да изврши инвазија на територијата на централна Србија, што по сите параметри е терористички акт заради дополнителна дестабилизација и ескалација на конфликт насочен против Република Србија. Полицијата во соработка со надлежното обвинителство ќе продолжи со понатамошната работа“, пишува РТС.

Оттаму наведуваат и дека за оваа акција итно бил известен претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој бил во руската амбасада, каде што присуствувал на прием по повод одбележувањето на Денот на Русија, а по добиената информација се упатил кон зградата на Претседателството.

Според соопштението на косовската полиција, полициската единица вршела патрола „длабоко на територијата на Косово“ со цел да се спречи користење на илегални патишта што, според оваа институција, ги користат криминални групи „за нелегално преминување и шверцување “.

Полицијата соопшти дека оваа група составена од тројца гранични службеници соопштила дека забележале маскирани и вооружени лица и дека побарале помош, а кон нив се движеле и други полициски единици.

„Помошните единици по пристигнувањето на тоа место го забележале само службениот автомобил, но не и полицајците што биле на таа локација. Другите полициски единици веднаш тргнале во правец на ова место, а информирани се и други безбедносни институции меѓу кои и КФОР, бидејќи се сомнева дека полицајците биле киднапирани од српските сили“, се наведува во соопштението.

Полицијата објави и дека различни српски медиуми објавиле дека српските специјални единици „уапсиле службеници на косовската полиција“.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељај Свечља, ја обвини Србија дека „влегла на територијата на Косово и киднапирала тројца полицајци на Република Косово“.

Нашите полицајци несомнено се стационирани длабоко на територијата на Република Косово, на статичен контролен пункт, каде што извршуваа редовни задачи“, напиша тој на Фејсбук.

Тој побара од меѓународната заедница „веднаш да го зголеми притисокот врз Србија не само да ги ослободи нашите полицајци, туку и да престане со провокациите“.

Информациите доаѓаат во време на тензии на северот на Косово. Имено, од 26 мај граѓаните протестираат против новоизбраните албански градоначалници во општините населени со мнозинско српско население, вели РСЕ.

Српска листа, најголемата партија на косовските Срби, не учествуваше на претходните избори.

Петковиќ: Уапсените беа длабоко на територијата на Србија

Директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, денеска изјави дека антитерористичката единица на Министерството за внатрешни работи на Србија лоцирала и уапсила тројца припадници на косовската полиција, пренесува РСЕ.

Петковиќ рече дека уапсените полицајци се Р.З., Б.С. и М.Ш. Тој посочи дека уапсените се наоѓале длабоко на територијата на Србија.

„Тие се уапсени во 12.38 минути длабоко на територијата на Србија во општина Рашка“, рече тој.

Петковиќ изјави дека српските полицајци не стапнале на територијата на Косово, одговарајќи на тврдењата од Приштина дека нивните полицајци биле киднапирани.

Тој прецизираше дека косовските полицајци биле вооружени.

Курти: Киднапирањето полицајци е чин на српска агресија

Косовскиот премиер Аљбин Курти изјави дека властите се сомневаат дека ова киднапирање е направено во знак на одмазда, пренесува РСЕ.

„Се сомневаме дека тие биле киднапирани од српската армија, јасно како одмазда на Србија за вчерашното (13 јуни) апсење на озлогласениот криминалец Милун Миленковиќ, кој претставува еден од водачите на организираниот криминал и шверцот“, рече Курти.

Тој повика на итно ослободување на полицајците и ја повика меѓународната заедница да го осуди, како што рече, „актот на агресија на Србија“.

„Влегувањето на српските сили на територијата на Косово е агресија, а целта е ескалација и дестабилизација“, напиша тој на Фејсбук.

Курти рече дека полицајците патролирале по „нелегалната шверцерска рута“, која се наоѓа на околу 300 метри внатре на територијата на Косово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ