среда, 23 октомври 2024

Полицијата на Капитол уапси еврејски активисти кои протестираа против војната, 200 уапсени (ВИДЕО)

Еврејски активисти кои протестираа против американската воена поддршка за Израел во Капитол беа уапсени во вторникот, еден ден пред израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се обрати во Конгресот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Демонстрантите, организирани од активистичката група „Еврејски глас за мир“, носеа црвени маици со натпис „Не во наше име“ и „Евреи за прекин на вооружувањето на Израел“. Некои носеа транспаренти на кои пишуваше „Веднаш прекин на огнот“ и „Нека живее Газа“.

Протести се планирани за време на посетата на Нетанјаху, за време на која тој ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден, со потпретседателката Камала Харис и со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.

„Овде сме во зградата каде што, во изминатите девет и пол месеци, членовите на Конгресот секогаш повторно одлучуваа да испратат бомби за извршување геноцид“, напиша организацијата на социјалната платформа Икс.

Активистичката група соопшти дека повеќе од 250 демонстранти биле уапсени, а 400 луѓе учествувале во протестите. Полицијата тврди дека биле уапсени околу 200 учесници.

Демонстрантите легално влегоа во зградата „Канон Хаус“, во која се сместени канцелариите на пратениците, која е дел од комплексот на Капитол, соопшти полицијата во вторникот.

„Им кажавме на демонстрантите, кои легално влегоа, да застанат бидејќи во спротивно ќе бидат уапсени. Тие не застанаа“, се вели во соопштението на полицијата.

Полицијата на Капитол соопшти дека демонстрантите не го исполниле барањето, што довело до нивно протерување од зградата.

„Протестирањето внатре во зградите на Конгресот е спротивно на законот“, велат од полицијата.

Нетанјаху треба да се обрати на Конгресот во среда, што е ретка чест за странски лидер. Тој ќе се обрати во време на тешки критики за неговото справување со војната во Газа од страна на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и врвните демократи.

Се очекува посетата на израелскиот премиер да го врати вниманието на конфликтот во Газа.

Нетанјаху пристигнува во Вашингтон во време на политички превирања во САД по повлекувањето на Бајден од претседателската трка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ