Со предлог измените се врши покачувањето на платите, единствено, на директорите – до 35 отсто во основното, односно до 45 отсто во средното образование, тврдат од Левица.
„Ова Владата го користи како алатка за задушување на незадоволството кај наставниците поради ниските плати, односно, да го зголемат мотивот кај директорите за вршење пресија, со цел да биде загушено оправданото незадоволство на наставниците. Императивна промена на статусот на наставници во образовни асистенти. Оваa законска измена ѝ овозможува на власта да ги ‘решава неподобните’, односно, се овозможува наставниците да бидат деградирани во образовни асистенти. Оттука, кај наставниците се појавува оправдан страв, дека ова е алатка на партизираното образование да се ослободи од т.н. вишоци и голем број на наставници, кои немаат договори на неопределено, легално да се преквалификуваат во асистенти, а потоа непречено, преку непродолжувањето на договорите да бидат оставени без работа“, обвинуваат од Левица.
Според партијата, власта со овие нацрт-закони не нуди никакви суштински промени, а најмалку нуди решавање на горливите проблеми на наставниците.
„Напротив, образовниот систем се користи за порамнување со своите партиски активисти, додека за сметка на ова, се наговестува ново продлабочување на проблемите на смислено разрушениот образовен систем. Оттука, Левица се залага за целосна реформа во образовниот систем. Наставниците не смеат да бидат алатка за политичко поткусурување на власта. Државата е должна да обезбеди достоинствен живот за наставниците и да го врати угледот на оваа професија. Покачувањето на платите на директорите, од една страна, и можноста – деградација на наставниците без право на жалба, од друга страна, само ги продлабочува разликите во статусот помеѓу просветните работници и јазот помеѓу оние коишто најмногу работат и оние коишто ги уживаат привилегиите на професијата“, велат од Левица.