Демократската потпретседателка Харис (60) и поранешниот републикански претседател Трамп (78) се изедначени според анкетите. Американските медиуми овие избори ги нарекуваат најтесни и најнасилни во модерната историја.
Огорчените ривали го поминаа последниот ден од кампањата енергично убедувајќи ги своите поддржувачи да излезат на гласање и обидувајќи се да ги придобијат неопределените гласачи во државите што низ историјата не ѝ биле верни на една од партиите.
Но и покрај серијата досега невидени пресврти во кампањата, од драматичното влегување на Камала Харис по повлекувањето на Џо Бајден до двата атентати врз Трамп, ништо не се помести од мртвата точка во анкетите.
Првите избирачки места беа отворени во 6 часот по локално време на источниот брег и денеска се очекува да гласаат десетици милиони гласачи, откако повеќе од 82 милиони луѓе веќе гласаа предвреме.
Конечниот исход можеби нема да биде познат извесно време ако резултатите се онака тесни како што сугерираат анкетите, што ги зголемува тензиите во длабоко поделената нација.
А постојат стравови од превирања, па дури и насилство доколку Трамп загуби, а потоа ги оспори резултатите како што направи во 2020 година.
Во меѓувреме, светот загрижено гледа какви импликации ќе имаат резултатите на конфликтите на Блискиот Исток, на руската војна во Украина и на решавањето на климатските промени, кои Трамп ги нарекува измама.
Харис и Трамп се изедначени во седумте држави што традиционално не ѝ се лојални на одредена партија – Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија, Висконсин.
Последниот ден пред изборите Харис го помина во најголемата од нив, Пенсилванија, која ѝ е речиси неопходна за Белата куќа, а на славните скалила познати на светот од филмот „Роки“ изјави дека ќе победи. „Моментумот е на наша страна“, рече таа.
Сепак, „ова може да биде една од најтесните трки во историјата – секој глас е важен“, рече Харис, на која на сцената ѝ се придружија познати личности, вклучувајќи ги Лејди Гага и Опра Винфри.
Трамп, кој би можел да биде првиот осуден престапник и најстариот човек што ја освоил американската претседателска функција, се промовираше себеси како единствено решение за апокалиптичната визија за земја преплавена од „диви“ мигранти.
„Со вашиот глас утре, можеме да го решиме секој проблем со кој се соочува нашата земја и да ја однесеме Америка – всушност, светот – до нови височини“, рече Трамп на завршниот митинг во Гранд Рапидс, Мичиген.
Враќањето на Трамп би било историско. Само еден претседател досега, Гровер Кливленд во 1893 година, освои два мандати што не беа последователни.
Враќањето на Трамп ги загрижува американските сојузници во Европа и НАТО поради неговата изолационистичка политика „Америка на прво место“.
Трговските партнери нервозно го следат неговото ветување дека ќе воведе сеопфатни увозни царини.
Победата на Харис, од друга страна, ќе ја донесе првата жена-претседател во Белата куќа и ќе го означи крајот на ерата на Трамп што доминира со американската политика речиси една деценија.
Трамп рече дека нема да се кандидира повторно во 2028 година ако ги загуби овие избори.
Сепак, републиканецот сè уште одбива да признае дека ги загубил изборите во 2020 година, а траумата од насилниот напад на неговите поддржувачи врз американскиот Капитол за да се спречи потврдувањето на резултатите продолжува да виси над Америка.
Трамп сигнализираше дека ќе одбие да прифати уште еден пораз, а во последните денови од кампањата повторно изнесе неосновани тврдења за изборна измама, велејќи дека „никогаш не требало да ја напушти“ Белата куќа.