вторник, 22 октомври 2024

Почна судењето против Мерко, ОЈО тврди дека незаконски назначувал директори на училишта

Во Основниот суд во Струга денеска почна главната расправа против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за незаконско назначување директори во основните училишта, во селата Подгорци, Лабуништа, Велешта и „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Објавено на

часот

Сподели

Трите предмети за незаконско поставување директори, во кои е обвинет само Мерко, судијата Јордан Јованов ги спои во еден, додека за училиштето во Велешта ќе се води одвоен предмет, каде покрај злоупотреба на службена должност направено е и кривично дело фалсификување исправа, и обвинети се четири лица. Поради ова, рочиштето за предметот во Велешта беше одложено.

„Моментално за училиштето во Велешта се води одвоен предмет затоа што таму се четворица обвинети, а за другите три училишта се води споен предмет. Три постапки во еден предмет. Покрај кривично дело несовесно работење во службата во Велешта, дел од обвинетите се гонат и за кривично дело фалсификување исправа. Значи во тој предмет се две кривични дела“, изјави Јованов.

Мерко пак, рече дека не чувствува вина за делата, за кои го товари Јавното обвинителство. За незаконското поставување директори, тој истакна дека разбира за што е обвинет, но не се чуствува виновен, бидејќи, како што рече, направил континуитет во работата на основните училишта.

„Ние имаме докази и ќе докажеме дека тој сторил кривични дела за кои се товари. Судот ќе одлучи колку ќе го осуди, ќе видиме во текот на постапката. Ако не се согласиме со пресудата што ќе ја донесе судот ќе поднесеме жалба до Апелациониот суд во Битола“, рече јавниот обвинител Џемал Лога.

Адем Ајдароски, кој три мандати како в.д. директор раководел со основното училиште „Гоце Делчев“ во селото Подгорци даде исказ во својство на сведок. Тој кажа дека си поднел оставка поради лични причини, но и на барање на Антикорупциска комисија. Ајдароски не исполнувал услови за директор во училиштето, бидејќи немал пет годишно работно искуство и како дипломиран економист не бил од редот на вработените.

Државниот просветен инспекторат извршил надзор во училиштето во Подгорци и му кажал на директорот дека незаконски е именуван, но не повел постапка.

Судскиот процес против Мерко за четирите предмети ќе продолжи на 5 јули.

Претходно, на почетокот на овој месец беше одложено и рочиштето против Мерко во кое е обвинет за купувањето на службен автомобил Ауди А8 и уште три други возила за потребите на општина Струга.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ