вторник, 23 јули 2024

Почна неколку пати одложуваниот попис на населението во Црна Гора

Повеќе од три илјади попишувачи тргнаа од врата до врата за да го попишат црногорското население и домаќинствата. „Учествувањето во пописот значи решителност на секој поединец да обезбеди темел за подобра иднина заснована на точни податоци“, соопшти црногорската статистичка агенција Монстат и извести дека попишувачите во следните 15 дена ќе бидат на терен и ќе собираат податоци од 8 до 20 часот.

Објавено на

часот

Сподели

Претходно власта тврдеше дека се исполнети сите услови за почеток на пописот на населението, втор од обновувањето на црногорската независност. Пописот во Црна Гора беше најавен за 1 ноември, но новата влада на Милојко Спајиќ го одложи за 30 ноември поради заканите на опозицијата дека ќе го бојкотира бидејќи во пописните комисии нема нејзини членови.

Потоа црногорската влада и претставници на црногорската опозиција и Советот на помалку бројни народи во Црна Гора потпишаа минатата недела Договор за попис, кој меѓу другото предвидува проширувања на пописните комисии, контрола на внесувањето на собраните податоци, изработка на софтвер за нивна проверка и забрана на партиите да спроведуваат кампања поврзана со пописот.

Следеше уште едно одложување на 29 ноември бидејќи опозицијата тврдеше дека не се исполнети сите услови. Спајиќ тогаш „за последен пат“ го одложи пописот за три дена, за да се направи софтвер кој ќе им овозможи на граѓаните на Црна Гора да ги контролираат своите пописни податоци.

Прашањата за националноста и јазикот го направија пописот политичка тема, пред сè поради пребројувањето на национална основа, иако европската агенција за статистика Еуростат претходно им препорача на црногорските колеги тоа прашање да го нема во прашалникот.

Во Црна Гора според пописот од 2011 година живеат 45 отсто Црногорци и 29 отсто Срби, меѓутоа 43 отсто од жителите на Црна Гора зборуваат српски јазик, а 37 зборуваат црногорски.

Годинешниот попис би можел да покаже и дека бројот на жители на Црна Гора се зголемил, пред се поради Русите, Украинците и Турците кои се доселиле во Црна Гора.

Според пописот од 2011 година, Црна Гора има 620 илјади жители, но проценката е дека во последните неколку години повеќе од 100 илјади странци се доселиле во државата и сега сочинуваат речиси 15 отсто од населението.

Резултатите од пописот во Црна Гора ќе бидат познати најрано за шест месеци од завршувањето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ