среда, 24 јули 2024

Почина новороденче од Ресен, од битолската болница велат мајката имала неконтролирана бременост

Новороденче починало во саботата откако ден претходно било родено во Клиничката болница во Битола. Поради компликации бебето во саботата било транспортирано од Битолската болница до Детската клиника во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Семејството Китоски обвинува дека не биле известени на време за влошената здравствена состојба на бебето и дека не биле преземени навремено мерки за да се спаси нивниот син.

Сопругот на родилката, Драгољуб Китоски тврди дека неговата сопруга немала проблеми со бременоста и пиела само лекови за астма. Иако првично им било соопштено дека со бебето е сѐ во ред, ден подоцна на родителите им било кажано дека новороденчето е во критична состојба. Подоцна добиле повик од ,Детската клиника во Скопје дека синчето им починало.

Од Клиничката болница Битола соопштија дека пациентката била во поодмината бременост и се жалела на болки два дена. Ѝ бил направен царски рез, а ова ѝ била трета неуредно контролирана бременост, со претходни еден царски рез и еден спонтан абортус.

„Пациентката дава податок дека за време на бременоста посетувала два различни матични доктори и за првпат дошла на Оддел за гинекологија и акушерство при  Клиничката болница Битола за преглед. Бебето се родило со вредност Апгар 5.77, на раѓање аспирирано и кратко реанимирано. На Оддел за неонатологија било поставено на кислородна поддршка во инкубатор за мониторирање. Неколку часа подоцна, од страна на доктор неонатолог мајката е известена за состојбата на новороденчето. Во текот на денот, состојбата на новороденото се подобрува, истото е со подобрена сатурација, везикуларно дишење, добро прима храна. Во саботата во 13:25 часот состојбата на новороденото нагло се влошува поради што се повикани двата родители да дадат писмена согласност за транспорт на новороденото, бидејќи е со висок ризик. На двата родители им е објаснето дека состојбата на новороденчето е ризична. Транспортот е реализиран во најбрз можен рок”, соопштија од Битолската болница.

По смртта новороденчето било вратено во Битола и телото е предадено на обдукција.

Од Јавното обвинителство засега нема одговор дали е точна информацијата дека е покрената истрага по допрен глас. Од СВР Битола пак, за МКД.мк велат дека кај нив никој не го пријавил овој случај.

„Ниту од Клиничката болница Битола ниту било кој од семјеството има пријавен случај на мртво новороденче. Ние работиме по насоки на обвинителството“, вели портпаролката на СВР Битола, Сања Стаматова.

Од семејтвото Китоски најавија тужба и разврска на случајот по судски пат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ