недела, 21 јули 2024

Почина Хенри Кисинџер

Објавено на

часот

Сподели

Тој беше награден со Нобеловата награда за мир за својот придонес во преговорите за прекин на огнот во Виетнам во 1973 година, што се смета за контроверзна одлука.

Нарекувајќи го Кисинџер дипломатски моќник, Ројтерс пишува дека во 1970-тите, додека ги извршувал гореспоменатите високи дипломатски функции, бил вклучен во многу важни светски настани, а освен Парискиот мировен договор со Северен Виетнам, неговите напори доведоа до дипломатско отворање на Кина, значајни американско-советски преговори за контрола на оружјето, како и проширување на врските меѓу Израел и неговите арапски соседи.

„Владеењето на Кисинџер како главен архитект на американската надворешна политика ослабна со оставката на Никсон во 1974 година. Сепак, тој продолжи да биде дипломатска сила под претседателот Џералд Форд и да ги нуди своите мислења до крајот на својот живот“, напиша Ројтерс.

Тој беше контроверзна личност. Додека многумина го фалеа за брилијантноста и долгогодишното искуство, други го сметаа за воен злосторник за неговата поддршка на антикомунистичките диктатури, особено во Латинска Америка, вклучувајќи ги и напорите за соборување на марксистичкиот, но демократски избраниот чилеански претседател Салвадор Аљенде.

Хајнц Алфред Кисинџер е роден во Фурт, Германија на 27 мај 1923 година во еврејско семејство, со кое се преселил во САД во 1938 година, пред нацистичката кампања за истребување на европските Евреи. Го променил името во Хенри, служел војска во Европа во Втората светска војна, а докторирал на Харвард во 1954 година, каде што работел долги години.

По речиси една деценија во високата американска дипломатија, Кисинџер во 1982 година во Њујорк ја основа консултантската фирма Кисинџер асошиејтс, која нудела совети на светската корпоративна елита.

Бил член на управни одбори на компании и разни форуми за надворешна политика и безбедност, а напишал и бројни книги од областа на националната безбедност, дипломатијата и меѓународните односи.

Кисинџер беше активен до самиот крај на живот, а како личност која одигра клучна улога во нормализирањето на врските меѓу САД и Кина во 1970-тите, тој се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг во јули.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ