вторник, 17 септември 2024

Почина Џејмс Ерл Џонс, легендарниот глумец и гласот зад маската на Дарт Вејдер

Џејмс Ерл Џонс, човекот што ги надмина расните предрасуди и сериозниот проблем со пелтечењето, стана театарска и филмска легенда и им го подари својот длабок, моќен глас на Дарт Вејдер и Муфаса – кралот на лавовите – почина на 93-годишна возраст.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Неговиот агент потврди дека Џонс починал во понеделникот наутро во неговиот дом во долината на реката Хадсон во Њујорк. Причината за смртта сѐ уште не е објавена.

Џонс беше еден од првите афроамерикански актери што имаше постојана улога во некоја драма емитувана во текот на денот на американската телевизија. Работеше до своите доцни 80-ти, освои две Еми, Златен глобус, две награди Тони, Греми, Национален медал за уметност, почесно признание од Кенеди центарот, почесни Оскар и Тони за животно дело. Во 2022 година, по него беше именуван еден театар на Бродвеј.

Во неговите зрели години, беше познат по елегантната облека, сарказмот и силните работни навики. Во 2015 година, дојде на проба на бродвејската претстава „Играта џин“ (The Gin Game) откако веќе го научил целиот свој текст и донесе тетратка полна со коментари за креативниот тим. Велеше дека секогаш е во служба на својата работа.

Џонс создаде незаборавни улоги како повлечениот писател во драмата „Поле на соништата“, боксерот Џек Џонсон во театарскиот и кинохитот „Црниот предизвик“, писателот Алекс Хејли во минисеријата „Корени: Нова генерација“ и јужноафриканскиот свештеник во филмот „Плачи, сакана земјо“.

Беше и многу баран глумец за синхронизација. Беше гласот на Дарт Вејдер и ја кажа легендарната реченица „Не, јас сум ти татко“, која многу обожаватели погрешно ја паметат како „Лук, јас сум ти татко“.

Тој, исто така, беше гласот на достоинствениот, добар крал Муфаса во анимираниот „Кралот лав“ на Дизни и во објавата „Ова е Си-ен-ен“ во џинглот на кабловската ТВ-мрежа. Во 1977 година, тој доби Греми за аудиокнигата „Големите американски документи“.

Меѓу другите негови познати филмови се „Доктор Стрејнџлав“, „Конан варваринот“, „Тројцата бегалци“, а го играше и адмиралот во трите адаптации на романот на Том Кленси „Лов на црвениот октомври“, „Патриотски игри“ и „Јасна и непосредна опасност“. Во ретката романтична комедија „Клодин“, партнерка на големото платно му беше Дајан Керол.

Џејмс Ерл Џонс е роден под светлото на маслена ламба во една колиба во Аркабутла, Мисисипи, на 17 јануари 1931 година. Неговиот татко Роберт Ерл Џонс ја оставил сопругата пред раѓањето на неговиот син за да ја продолжи кариерата, прво како боксер, а подоцна и како актер.

Кога Џејмс имал шест години, мајка му го однела на фармата на своите родители во Мичиген, кои го посвоиле и го одгледале.

„Мојот свет таму се урна, безбедниот свет на моето детство“, напиша Џонс во својата автобиографија. „Преселувањето од Мисисипи во Мичиген требаше да биде величествен момент. Но тоа за беше многу болен момент и недолго потоа почнав да пелтечам“.

Бидејќи му било непријатно, буквално со години воопшто не зборувал, а со наставниците и другите ученици комуницирал пишувајќи им пораки. Еден наставник во средното училиште дознал дека Џејмс пишува поезија и го замолил да прочита една од своите песни пред класот. Џејмс тоа и го сторил – совршено.

Наставникот, Доналд Крауч, и Џејмс Ерл Џонс продолжиле да работат заедно додека момчето не почнало да зборува нормално. „Потоа не можев да се наситам од зборување, дебати, зборување, глума“, напиша актерот во својата автобиографија.

На социјалните мрежи и во изјавите за медиумите, многу уметници му оддадоа почит на Џејмс Ерл Џонс.

„Еден од најдобрите глумци во светот, чиј придонес во ’Ѕвездени војни’ беше неизмерен. Многу ќе ми недостига“, рече актерот Марк Хамил, кој го играше синот на Вејдер, Лук Скајвокер, во филмовите „Ѕвездени војни“, во изјава за Асошиејтед прес. На платформата Икс напиша „Почивај во мир, тато“.

„Ти благодарам за сè, драг Џејмс Ерл Џонс. Мајстор на нашиот занает. Ние стоиме на твоите раменици. Одмори се сега, ти ни го даде најдоброто од себе“, напиша глумецот и режисер Колман Доминго.

Од големиот актер се прости и Си-ен-ен.

„Со голема тага ја примивме веста за смртта на Џејмс. Тој со децении беше гласот на Си-ен-ен и на нашиот бренд, уникатно пренесувајќи авторитет, грациозност и пристојност во својот глас. Тој исклучителен глас е само една од многуте работи што ќе му недостигаат на светот во врска со Џејмс. Нашите мисли се со неговото семејство“, порача медиумската куќа.

„Почивај во мир, Џејмс Ерл Џонс. Легендарниот актер што незаборавно се појави во легендарните бејзбол-филмови ’Поле на соништата’ и ’Сендлот’. Џонс трогателно ја рецитираше нашата национална химна на МЛБ Ол-стар натпреварот во 1993 година во Балтимор“, објави МЛВ, американската безбол-лига.

Списанието Венити фер објави дека во 2022 година Џејмс Ерл Џонс ги потпишал правата за филмаџиите на „Ѕвездени војни“ да го рекреираат неговиот глас преку вештачка интелигенција благодарение на иновацијата на украинската технолошка компанија Респичер.

Метју Вуд, главен монтажер на звук во Лукасфилм, кој претходно го сними гласот на Џонс за улогата, изјави за Венити фер во 2022 година дека знаел дека Џонс бил блиску до одлука веќе да не му го дава гласот на Дарт Вејдер и му ја претставил на актерот идејата на украинскиот стартап.

Венити фер известува дека Респичер помогнал да се рекреира гласот на Џонс како Дарт Вејдер во 2022 година, кога Дизни плус ја објави серијата „Оби-Ван Кеноби“ од едицијата „Ѕвездени војни“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ