Одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на новиот микроскоп на државната Очна клиника, Таравари информира и дека најверојатно до крајот на годината ќе се вработат првите 300 доктори – специјализанти.
„Ќе почнеме од октомври – ноември со апликации и се надевам дека до крајот на годината ќе се вработат првите 300 доктори – специјализанти. Досега се пријавени околу 480 од вкупно 640. Здравството ќе има плус решенија за минимум уште 500 доктори“, подвлече министерот.
Според него, мора да се применува праксата на вработување квалитетни кадри, а не по партиски клуч.
„Треба да се примаат медицински лица врз основа на нивното знаење, а не врз основа на тоа дали е некој Македонец, Албанец, Турчин…“, нагласи Таравари.
Тој денеска беше во посета на Очната клиника каде беше промовиран новиот хируршки микроскоп што ќе овозможи нови, современи процедури според најмодерна технологија, со максимална прецизност.
Како што изјави министерот Таравари, се работи за апарат којшто е многу важен во функционирањето на модерната офталмологија.
„Со овој микроскоп се третираат и предниот и задниот сегмент на окото. Одиме чекор понапред во подобриот третман и подоброто давање здравствени услуги“, истакна Таравари.
Според него, има едуциран кадар што знае и ќе го користи интензивно микроскопот.
„Предвидувањата се дека месечно ќе се прават околу 200 операции со новиот микроскоп или годишно приближно 2.000“, потенцира министерот.
Засега, како што оцени, Клиниката за офталмологија е добро опремена иако никогаш не е доволно од апаратура.
На промоцијата на микроскопот беше нагласено дека клиниката моментно располага со три комплетно опремени хируршки сали, а во претстојниот период фокусот ќе биде развој на веќе имплементираните хируршки и дијагностички процедури.