вторник, 22 октомври 2024

По итна постапка Собранието носи закони за оперативност на Министерството за енергетика

Собранието денеска ја започнa 10. седница на која за натамошна постапка беа прифатени десет закони по скратена постапка, кои, како што објаснија пратениците, се, генерално, усогласувања со веќе донесените измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа и формирањето на ново Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.  Со законите од областа на енергетиката новото Министерство за енергетика ќе стане оперативно, а ќе се укине Агенцијата за енергетика и управниот одбор на Агенцијата за задолжителни нафтени деривати, рече пратеникот Бојан Стојановски.

Објавено на

часот

Сподели

Надлежностите и вработените од Агенцијата за енергетика ќе преминат во новото Министерство, а надлежноста на управниот одбор на Агенцијата за задолжителни нафтени деривати ќе ги преземат новото Министерство за енергетика и директорот на Агенцијата, рече Стојановски во изјава за медиумите пред седницата.

„Агенцијата за енергетика нема повеќе да постои. Надлежностите и вработените ќе бидат превземени од Министерството за енергетика, а нема повеќе да има директор и Управен одбор. Во оваа насока, во Агенцијата за задолжителни нафтени резерви се разрешува постојниот управен одбор и повеќе нема да постои овој орган. Надлежностите на Управниот одбор преминуваат кај Министерството за енергетика и кај директорот на Агенцијата. Накратко, укинуваме два управни одбори, еден директор и една институција“, изјави пратеникот.

По скратена постапка, на дневниот ред се предложени, изменување и дополнување на Законот за енергетика, на Законот за Геолошкиот завод, на Законот за енергетска ефикасност, на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, на Законот за метрологијата, на Законот за минерални суровини, на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали, Предлог на закон за престанување на важењето на Законот за основање на Агенција за енергетика како и изменување и дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви, на Законот за техничката инспекција.

„Заради конзистентност на правниот систем и доследна примена на законските одредби во однос на надлежностите на ова министерство утврдени во новиот член 20-а од Законот за изменување и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 121/24), потребно е законски интервенции односно усогласување на овие одредби со одредбите на постојни закони со кои се уредува ова област. Дополнително обврска од членот 30 од овој закон наметна должност државните органи во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на законот да ги усогласат посебните закони со кои се уредуваат основањето, работите, надлежностите и другите општи акти со одредбите од Законот за изменување и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа, посочија дел од пратениците кои ги образложуваа законите.

Законите треба да поминат на матичните комисии, па потоа и да бидат донесени од страна на Собранието.

Левица и СДСМ на седницата реагираа за начинот на кој што е закажана седницата, на што потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски образложи дека седницата е закажана од претседателот кој е службено отсутен, како и дека законите се носат по скратена постапка за да се усогласат со веќе донесениот закон за државна управа.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски реагираше и дека закон што пратеник од нивните редови го доставил до Собранието не е ставен на дневен ред.

На седницата беа верификувани мандатите на Јане Мицевски од Изборната единица 1 и Малиша Станковиќ од Изборната единица 2, двајцата од коалицијата Твоја Македонија. Пратениците беа известени и дека пратеникот Иван Живковски поднел оставка од функцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ