вторник, 22 октомври 2024

Пилот сакал во воздух да ги исклучи моторите на авионот, вели штотуку пробал „магични печурки“

Пилот што не бил на должност, кој наводно се обидел да ги исклучи моторите на авионот среде лет, по апсењето ѝ рекол на полицијата дека првпат консумирал психоделични печурки, велат обвинителите. Џозеф Дејвид Емерсон, пилот на Алјаска ерлајнс, беше уапсен во неделата вечерта во Орегон и обвинет по 83 точки за обид за убиство и едно обвинение за загрозување авион.

Објавено на

часот

Сподели

Екипажот известил дека Емерсон се обидел да ги исклучи моторите на летот на Хорајзон ер од Еверет, Вашингтон, кон Сан Франциско, Калифорнија, додека се возел на дополнително седиште во пилотската кабина. Според обвиненијата, тој се обидел да ја грабне рачката за излез за итни случаи откако бил врзан, пишува Скај њуз.

Летот на Хорајзон ер 2059 бил пренасочен кон Портланд, каде што авионот со повеќе од 80 луѓе безбедно слетал, а 44-годишниот осомничен бил приведен од полицијата. Обвинителите нагласија дека Емерсон водел лежерен разговор со капетанот и првиот офицер пред да се обиде да зграби две црвени рачки што би го активирале системот за гаснење пожар на авионот и би го намалиле дотурот на гориво во неговите мотори.

Според екипажот, Емерсон ја напуштил пилотската кабина по кратка борба, која траела околу 30 секунди. Судските документи велат дека Емерсон им рекол на полицајците дека мислел дека сонува кога ги повлекол рачките за исклучување во итни случаи и дека бил депресивен во последните шест месеци.

Не е јасно дали Емерсон бил под дејство на психоделични, односно „магични“ печурки додека бил во авионот. Агентот на ФБИ во изјава под заклетва напишал дека осомничениот разговарал со полицијата за употреба на психоделични печурки и „рекол дека првпат зема печурки“.

Судските документи велат дека Емерсон ги зел печурките околу 48 часа пред инцидентот. По конфронтацијата во пилотската кабина, стјуардесите го сместиле во задниот дел од авионот, но додека авионот се спуштал, тој се обидел да ја грабне рачката за итен излез. Обвинителите додадоа дека стјуардесата го спречила ставајќи ги своите раце на неговите.

Запрашан дали Емерсон ги зел печурките непосредно пред летот, Кевин Соноф од канцеларијата на американското обвинителство за округот Орегон рече дека сè уште е под истрага. Капетанот и првиот офицер ѝ потврдиле на полицијата дека Емерсон рекол: „Не сум добро“, непосредно пред да посегне да ги повлече рачките.

Тие успеале да го запрат пред да ги повлече рачките до крај, според нивната изјава. Емерсон се согласил мирно да отиде до задниот дел на авионот откако му било кажано да ја напушти пилотската кабина и на стјуардесата ѝ рекол: „Треба веднаш да ми ставите лисици или ќе биде лошо“.

Друга стјуардеса го слушнала како вели: „Зезнав работа“ и „Се обидов да ги убијам сите“. Емерсон ја прашал полицијата дали може да се откаже од правото на адвокат. „Признавам што направив. Не се противам на обвиненијата што сакате да ги поднесете против мене. Ги повлеков двете рачки за итно исклучување затоа што мислев дека сонувам и само сакав да се разбудам“, истакна тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ