Министерката зборувајќи за деталите поврзани со набавката на новите хеликоптери за Армијата, како и за модернизацијата со новите оклопни возила JLTV и Stryker, вечерва изјави дека нивната набавка е согласно Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 година, документ донесен на 11 април 2023 година во Комисијата за одбрана и безбедност и на 26 април 2023 година во Собранието, каде точно е објаснето како ќе се одвива развојот на воздухопловните капацитети.
Петровска во интервју за телевизија Сител, на прашањето зошто ги менуваме хеликоптерите, истакна дека тоа е пред сè за модернизацијата на нашата Армија, во согласност со стандардите на НАТО.
„Потребата за постојана модернизација на нашата Армија се наметнува од потребата државата да изгради сопствен систем на одбрана, компатибилен со НАТО, на платформа со која што во иднина нашите припадници ќе можат да учествуваат во заеднички мисии и операции со останатите сојузници“, рече министерката.
Во однос на цената на чинење и начинот на избор на понудата, министерката нагласи дека таа се однесува на целосната платформа која го вклучува хеликоптерот и дополнителната опрема која што овозможува пилотите успешно да ги извршуваат своите мисии, цели и задачи.
„При евалуацијата на сите понуди кои беа прибавени од различни производители, Интегрираниот проектен тим по методологија и врз основа на матрица која тие ја имаат изработено, за најприфатлива понуда која го задоволува оперативното барање, имајќи ја предвид и цената, но и целиот пакет, е посочена понудата на фирмата Леонардо“, рече министерката.
Петровска информираше дека досега до Министерството не е пристигнат писмен допис од Државната комисија за спречување на корупцијата поврзан со набавката на хелихоптерите. Таа повторно ја поздрави одлуката на ДКСК да отворат предмет при што, како што рече, ќе можат да ги согледаат сите информации.
Министерката за одбрана Петровска рече дека гарантира оти во нејзиниот делокруг на работа, апсолутно нема корупција и дека има потполна доверба во сите останати чинители вклучени во процесот на набавка.
„За овој предмет, она што е мој делокруг на надлежност можам да гарантирам дека апсолутно нема корупција. Верувам во препораката на ИПТ тимот, Управната група на МО, Владата, Собранието, односно Комисијата за одбрана и безбедност, каде вклучително и опозицијата преку својот претставник застанаа зад овој проект“, рече Петровска.
За набавката на лесните оклопни возила за Армијата министерката рече дека од 96-те возила JLTV кои се набавуваат, веќе се пристигнати 32. Согласно најавите во 2024 година ќе пристигнат дополнителни шест.
Министерката рече дека овие возила се прикажуваат во рамки на Отворените денови кои се организираат низ градовите во земјата по повод одбележувањето на 4-годишнината од членството во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата. Возилата ќе бидат прикажани и на отворениот ден во Скопје, кој ќе се организира во сабота на Воениот стадион во градскиот парк.