Петровска вечерва изјави дека Министерството за одбрана ѝ стои на располагање на ДКСК за да ги достави сите документи што ќе ѝ помогнат во дефинирање на вистината.
„Ја поздравувам одлуката на ДКСК која што во рамки на своите надлежности има право и обврска секогаш кога постојат одредени сомнежи во јавноста да ги расчисти. Нема ништо спорно во оваа постапка којашто е спроведена согласно закон и законските постапки. Стојам на располагање како министерка, но и Министерството за одбрана да ги доставиме сите документи што ќе им помогнат во дефинирање на вистината“, рече Петровска во гостување на ТВ 21.
Потенцираше дека постапката за набавка на хеликоптерите е почната пред неколку години и е согласно Законот за набавки од областа на одбраната и безбедноста, каде што се предвидува инструмент за склучување на договори Влада-со-Влада.
Додаде дека за сите набавки потребно е финансиските средства да бидат планирани, особено имајќи предвид дека во голем дел од набавките што се однесуваат на склучување на договори Влада-со-Влада, станува збор за големи суми, поради што се склучуваат повеќегодишни набавки, односно се случува договорот, се исплаќаат средствата на неколку рати и за одреден временски период опремата треба да пристигне. Како што рече, во 2024 година оваа набавка е предвидена.
Петровска објасни дека компанијата Леонардо е избрана како една од најповолните понуди.
„Кога се разгледуваат понудите, тоа е задача на Интегрираниот проектен тим, тие не ги разгледуваат само перформансите. Перформансите се еден од условите или категориите што тие ги оценуваат. Многу е значајно при купување на вакви работи во одбраната, што ќе биде со одржувањето, што ќе биде со тренингот. Ние сега користиме воздухоплови, хеликоптери од источно производство. Тие во 2032 година мора да бидат отстранети, да престане нивното користање и од таа причина не ги модернизираме сите, туку оперативни се само неколку“, рече Петровска.
Таа напомена дека два хеликоптери се испратени во Чешка на ремонт и тие ќе бидат вратени многу скоро, во март или април.
Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска вчера во интервју за МРТВ изјави дека е оформен предмет за набавката на хеликоптерите од компанијата Леонардо и дека по обезбедувањето на фактичката состојба и доказите, ќе донесат соодветна одлука.