вторник, 22 октомври 2024

Пет казни затвор и една условна пресуда за обвинетите за затајување данок во случајот „Синџир“

Затворски казни и една условна казна затвор, им изрече Основниот кривичен суд Скопје на обвинетите кои вчера признаа вина во случајот „Синџир“, кој се однесува на даночно затајување. Сега веќе осудените беа обвинети за кривичните дела злосторничко здружување, перење пари и даночно затајување. За шест фирми чии застапници, исто така, вчера признаа вина судот изрече парични казни, но и забрани за учество во јавни повици и концесии. За останатите 11 обвинети кои не признаа вина постапката продолжува.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Првообвинетиот Сашо Вучков доби две и пол години казна затвор и казна од две илјади евра, неговиот татко две години казна затвор и илјада евра казна, мајката на првообвинетиот доби година и единаесет месеци затворска казна и уште илјада евра казна. Останатите двајца обвинети, кои признаа вина, добија по две години затвор и по илјада евра казна. Само еден од шестмината кои вчера пред судот признаа вина, Јетон Каба доби условна казна затвор од две години, доколку не стори друго кривично дело во следните пет години и казна од илјада евра. Сите обвинети, исто така, треба да ја надоместат штетата, односно да го платат данокот.

За шест фирми чии застапници, исто така, вчера признаа вина судот изрече парични казни, но и забрани за учество во јавни повици и концесии.

Случајот „Синџир“ во кој обвинети беа над триесетина физички и правни лица се однесува на даночно затајување од околу 8 милиони евра. За останатите 11 обвинети кои не признаа вина постапката продолжува.

Претходното Јавното обвинителство соопшти дека со шестмина осомничени и шест кривично одговорни правни лица во случајот „Синџир“ биле постигнати спогодби, со кои вратени се безмалку 1.000.000 евра во државниот буџет.

Истражната постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица беше започната на 30 октомври 2023 година. Во меѓувреме, истрагата беше проширена за уште две лица, а за едно лице кое при оценка на Обвинителниот акт почина е донесено Решение за запирање на истрагата.

Според Обвинителниот акт обвинетите во својство на сопственици и управители на правни субјекти во периодот од 1 јануари 2019 година до 31 декември 2021 година во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани. На овој начин, со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, осомничените предизвикале штета на Буџетот во вкупен износ 7.980.627 евра. Парични средства што ги прибавиле со казниви дела ги пуштиле во оптек, ги примиле и извршиле пренос на истите, по што ги подигнале во готово.

Претходно, други четворица обвинети се спогодија со обвинителството и го платиле целиот данок што го должеле. Тројца добија условни казни и да платат од 3 до 5 илјади евра, a еден од обвинетите доби една година затвор и 5 илјади евра казна. Нивните фирми беа казнети со парични казни меѓу7 и 15 илјади евра.

Други двајца обвинети се спогодија уште за време на истрагата. Добија условни казни и да платат по 3 илјади евра.

Бизнисмените Стојан Чифлигароски од Битола, чија фирма СВ-Инвест во изминатите години добиваше милионски тендери од РЕК Битола и Љупчо Пецов од Неготино, кои се обвинети дека биле организатори на групата се во бегство и за нив нема обвинение. По нив се распишани меѓународни потерници. Во бегство е уште еден осомничен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ