На работната средба со градоначалникот Висар Ганиу и членовите на општинскиот Совет, разговараа за актуелниот процес за измени на Законот за локална самоуправа, дискутираа за децентрализацијата, како и за можностите за надминување на одредени проблеми со кои се соочува Општината поради игнорантскиот однос на Град Скопје и за евентуалните измени на Законот за Град Скопје. Од Општината информираа и за тековните проекти кои ги реализираат, како и за подготвеноста за учество на вториот јавен повик за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти, кои ќе се финансираат од државниот буџет.
Министерот Перински истакна дека Општина Чаир е една од важните симболи на мултиетничката и мултикултурната традиција во Скопје, а истовремено специфична и по други околности.
„Општина Чаир брои 63.000 жители, а се простира на само 3,5 квадратни километри, што значи многу жители на мала територија, што само по себе е предизвик да се испочитуваат потребите на граѓаните во целост. Ние како Министерство и како Влада, продолжуваме да работиме заедно со општините на создавање услови за подобар живот за сите наши граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност. Најважно од се е да ги решаваме предизвиците кои ги наметнува урбаното живеење, да ги слушнеме потребите на граѓаните и да инвестираме за да се надминат сите предизвици“, изјави министерот Перински.
Градоначалникот Ганиу изрази благодарност за транспарентноста, кооперативноста и континуираната соработка од страна на Министерството за локална самоуправа, како и за финансиската поддршка на Владата за реализација на инфраструктурни општински проекти.
„Периодов имавме многу средби на кои дебатиравме за измените на Законот за локална самоуправа и верувам дека заеднички ќе создадеме Закон кој ќе овозможи пофункционални општини, за доброто на граѓаните. Соработуваме и по основ на јавните повици за финансиска поддршка на општински проекти. Веќе 100 отсто ни се исплатени средствата за проектите од првиот повик, а се подготвуваме да аплицираме со 25 проекти на вториот повик. Оваа Влада со дела покажа дека не ги дели општините по ниту еден основ, туку искрено е фокусирана на надминување на предизвиците со кои се соочуваат општините и граѓаните со желба за поголем развој и напредок на сите локални самоуправи “, истакна градоначалникот Ганиу.
Посетата на министерот Перински на Општина Чаир продолжува утре со средба со сите заинтересирани граѓани, претставници на невладини организации, спортски и културни работници, кои сакаат да дадат свои предлози и сугестии во насока на поголем напредок на Општината. Средбата ќе се одржи во 18.30 часот во ОУ„Исмаил Ќемали“.