сабота, 19 октомври 2024
Протест

Пензионерите го блокираа Тетово: „Функционерите се со високи плати и привилегии, само за нас нема пари“?

Тетовските пензионери го блокираа влезот во градот и со протест ги повторија барањата за линеарно зголемивање на сите пензии за 5.000 денари и утврдување на минималната пензија на 20.000 денари. „Со сегашниве пензии не се живее, ако има пари за функционерските да си ги качуваат платите, да имаат привилегии и гориво без пари, тогаш мора да има пари и за нас пензионерите“, порачаа тетовските пензионери кои од 9 часот утринава се собраа на крстосницата на булеварите Маршал Тито и Видое Смилевски-Бато и го блокираа сообраќајот повеќе од половина час. 

Објавено на

часот

Сподели

„Владата има игнорантски однос кон нас, велат немало да биде стабилен пензискиот фонд ако ни ги покачат пензиите, а од друга страна не се грижеа дали ќе биде стабилен буџетот на државата кога си ги зголемија функционерските плати за дури 78 отсто. Без грижа за егзистенцијата би биле и ние со такви пензии“, велат пензионерите.

„Малку им беа тие 78 отсто покачување, па сега функционерите ќе земаат и по 400 евра дополнително покачување. Имаат провизии, апанажи, гориво без пари. А нас пензионерите не понижуваат. До кога вака со 12 илјади денари пензија? Ни за лекови, нема за храна. Доаѓа зимата нема за греење, струја треба да плаќаме, дополнува еден пензионер.

„Како да платам струја кога од 16 илјади пензија 7 ми одат за лекови? А за облека, храна? Од кои пари? Тие 5,3 отсто за септемвриската плата се ништо! Скапотија е, не можеме достоинствено да живееме, во сиромаштија сме“, рече една пензионерка.

„Треба да стане цела Македонија, и ние сме државата, а не само тие што се во власта. Дали има некоја држава без народ? Работевме за државата, се боревме за подобра иднина, а сега треба да се бориме за живот и за да не ни заминат децата во странство“, ја дополни друг пензионер.

Од собирот беше порачано дека нова блокада на Тетово ќе организираат на 17 октомври.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ