Западот тврди дека околу 11.000 севернокорејски војници се наоѓаат во Русија, а НАТО соопшти дека има докази за нивното наводно присуство, без да ги претстави.
Според Остин, се разгледува што да се прави во поглед на испраќањето на овие трупи кое има „потенцијал да го прошири и продолжи конфликтот во Украина“.
На прашањето дали тоа би можело да поттикне други нации подиректно да се вклучат во конфликтот, Остин оцени дека тоа „би можело да охрабри други да преземат акција“, но не објасни што значи тоа.
Остин оцени и дека на рускиот претседател Владимир Путин му се потребни дополнителни војници бидејќи во војната изгубил многу свои војници. Според него, Путин има избор меѓу дополнителна мобилизација или странски војници, и дека Русија им се обратила на други земји за помош во оружје, меѓу другите Северна Кореја и Иран.
Украина во август упадна со свои трупи во рускиот пограничен регион Курск, каде држи околу 1.000 квадратни километри територија. Путин истакна дека тоа е најголемата грешка на Киев во досегашниот конфликт, кој Москва го нарекува специјална воена операција.
Наводно дел од севернокорејските војници веќе пристигнале во Курск, а украински извор за Асошиејтед прес изјавил дека тие во моментов се стационирани на околу 50 километри од украинската граница.