Шефот на државата, Стево Пендаровски во изјава за МИА нагласува дека е потребна конструктивност во билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија и во напорите за решавање на отворените прашања, а постоењето на македонцското малцинство во соседната држава е факт, кој е потврден и од Стразбур.
На прашањето да даде коментар на вчерашното соопштение на бугарското Министерство за надворешни работи, во кое меѓудругото има забелешка за „неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија“, од кабинетот на Пендаровски велат дека ставот на претседателот и претходно и сега е дека е потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања.
„Во врска со соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, ве информираме дека ставот на претседателот Пендаровски и во минатото и сега е дека е потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања, со оглед на тоа дека и нашата држава претендира да биде дел од Европската Унија каде што заедно со соседна Бугарија ќе биде упатена на уште поголема соработка“, се вели во одговорот за МИА од Кабинетот на претседателот.
Во врска со коментарите за македонското малцинство во Бугарија, од Кабинетот посочуваат дека тоа е факт, кој е признат и од Стразбур.
„Во однос на коментарите кои се однесуваат за постоење на македонско малцинство во Бугарија, се работи за факт кој е потврден и со одлуките на судот во Стразбур, се наведува во одговорот.
Инаку, Комитетот за елиминација на расна дискриминација при ОН, на 10 декември, на Меѓународниот ден на човековите права упати апел до Бугарија да ги гарантира правата на македонската етничка заедница.
Во извештајот за Бугарија Комитетот порача таа да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на човековите права на припадниците на малцинските етнички заедници, вклучувајќи ги македонската и помачката етничка група и да ги имплементира релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на правото на слобода на изразување и на здружување.
Комитетот го зема предвид објаснувањето дадено од делегацијата на државата членка дека сите нејзини граѓани имаат право на самоидентификација, вклучително и за Македонците и за Помаците.
Сепак, Комитетот е загрижен поради извештаите дека на членовите на македонските малцински групи им е забрането слободното остварување на правото на слобода на собирање и слобода на здружување.