сабота, 8 февруари 2025

Уставниот суд утре ќе пресече дали данокот што требаше да го платат богатите фирми е според Уставот

Уставниот суд на утрешната седница треба да донесе конечна одлука за предметот во кој е оспорен Законот за данок за солидарност, данок кој требаше да го платат сите фирми кои во 2023 година оствариле приход од над 10 милиони евра, како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка. Уставниот суд на 20 ноември 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон. На утрешната седница на дневен ред се и иницијативата за оценување на уставноста по барањето на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за нивното право на здружување, предметот во врска со разрешувањето на Еролд Муслиу од директор на Агенцијата за разузнавање, како и барањето на поранешниот уставен судија, сега пратеник Сали Мурати за заштита на слободата на јавното изразување на мислата и правото на политичко дејствување.

Објавено на

часот

Сподели

Што се однесува до барањето на ССМ, подносителите на барањето како членови во синдикални организации членки на Сојузот на синдикатите на Македонија, сметаат дека им е повредено правото на здружување.

„Меѓу другото, во барањето се наведува дека со оспорениот поединечен акт им е оневозможено слободно управување, користење и располагање со членарината односно синдикалниот имот кој е создаден со истата и им е извршена повреда на уставно загрантираната слобода на здружување заради остварување и заштита на економско-социјалните права и уверувања. Во барањето се наведува дека лишувањето од правата во однос на Работничкиот дом изграден од синдикална членарина претставува повреда на нивната слобода на здружување. Со оспорената пресуда на Врховниот суд, подносителите наведуваат дека им е извршена дискриминација по основ на политичко уверување и општестевен статус“, информираат од Уставениот суд.

Поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу пак, во својата иницијатива до судот наведува дека е дискриминиран по основ на пол и на политичка припадност.

„Во барањето е наведено дека оспорената одлука не содржи никакво образложение од кое може да се утврди дека е разрешен поради нестручно и несовесно извршување на функцијата, како што официјално било наведено во Одлуката. Подносителот наведува неколку медиумски објави со кои укажува дека Претседателот на Република Северна Македонија од моментот на стапувањето на функција до моментот на донесување на спорните одлуки, остварува информативни средби со други раководни лица, заобиколувајќи го него како раководител на Агенцијата за разузнавање. Подносителот наведува дека политичката дискриминација е вршена меѓудругото и на начин што одредени лица од политичка партија најавуваат кадровски смени и ново раководство иако немаат надлежност за тоа. Во врска со дискриминацијата по основ на пол, наведено е дека Претседателот на Републиката го разрешува поради фактот што е маж, а во едно интервју има изјавено дека треба да се внимава на застапеноста на жените на највисоките функции“, информираа од Уставниот суд.

Поранешниот уставен судија и поранешен претседател на овој суд Сали Мурати смета дека му е сторена повреда на правата на тој начин што претседателот на Собранието, Африм Гаши не ги доставил пратеничките прашања до министрите кои тој во својство на пратеник ги испратил во писмена форма на 5 август 2024 година.

„За фактот дека претседателот на Собранието не преземал дејствие дознал од дописот кој му бил доставен од претседателот, на 12 август 2024 година. Подносителот на барањето тврди дека му е повредена и слободата на јавното изразување, односно да ги искаже мислењата и ставовите по прашања од јавен интерес, но и правото на политичко дејствување, при што му е оневозможен клучниот инструмент за политичко дејствување, а тоа се пратеничките прашања“, информираат од Уставниот суд.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ