„Со големо внимание и загриженост ги следиме дискусиите околу укинувањето на механизмот – балансер, како и одлуката на Уставниот суд во која е наведено дека ќе се проверува уставноста на законите кои ја регулираат примената на балансерот, но и ставот на судот дека националната припадност не може да е услов за место во администрација. Факт е дека овие одредби имаат важна улога во правичната застапеност на етничките заедници и дека претставува една од клучните придобивки на Охридскиот рамковен договор.
Исто така загрижувачки е што сме сведоци на поларизација по етничка основа во самиот Уставниот суд, кој е еден од најважните столбови на демократијата во нашата држава и треба да биде чувар на правата на сите граѓани.
Свесни сме дека во изминатите години балансерот без исклучок беше злоупотребуван од сите етникуми. Партија за движење на Турците низ годините јасно и гласно ја нотираше оваа проблематика. Повикувавме и нудевме решенија за подобрување на самите механизми. Но сега, за да се надмине овој проблем, Владата треба да се насочи кон пронаоѓање нов модел кој ќе ги минимизира злоупотребите. Укинувањето на овој механизам не само што ќе биде сериозен удар врз правичната застапеност на немнозинските заедници, туку и сериозно ќе ги наруши меѓуетничките односи.
Потсетуваме дека Уставниот суд ја има надлежноста за да ја штити уставноста и законитоста во државата, но не за нарушување на самата уставност.
Партијата за движење на Турците ги повикува сите чинители на општеството на непристрасен и разумен пристап кон ова сериозно прашање“, се вели во партиската реакција.