вторник, 8 октомври 2024

„Пaтување пеш“ продолжува на фестивалите во Токио, Лондон, Париз…

Најновиот филм на Тамара Котевска со прикажувања во официјална селекција на уште пет светски филмски фестивали.

Објавено на

часот

Сподели

Продолжува возбудливата фестивалска турнеја на „Патување пеш“ [The Walk], со нови потврдени прикажувања во официјалната селекција на уште пет фестивали во светските метрополи Токио, Лос Анџелес, Лондон, Париз и Фолкстон, а се најавува јапонска, но и домашна дистрибуција на филмот.

Филмот е во официјална селекција на фестивалот на Документарен филм во Фолкстон, Англија и на 17. октомври ќе го отвори овогодинешното издание, што претставува огромна чест за режисерката Тамара Котевска и продуцентите, од причина што токму од оваа локација почнува патувањето на малата сиријка Амал во Англија. Тоа е точката во која се судираат бегалците кои го преминуваат Ла Манш за да стигнат во Англија и англиската полиција. Организаторите на фестивалот изјавуваат дека отворањето со „Патување пеш“ е демонстрација на пркос на англиските радикалци и обид повторно да се сврти виманието на жителите на овој приморски град кон еден од најголемите проблеми со кој се соочуваат во своето секојдневие.

Оттаму, филмот ќе патува на Le Grand Bivouac во Париз, Франција, каде ќе биде прикажан во официјална селекција на 21 октомври. Овој фестивал има тематски фокус на современите индивидуални и колективни општествени проблеми.

Во ноември, „Патување пеш“ свечено ќе го отвори Tokyo International Refugee Festival 2024, со што ќе се најави и почетокот на јапонската дистрибуција на филмот.

„Да се отвори интернационален фестивал во Токио токму со мојот документарен филм е еден од најубавите комплименти кои сум ги добила, токму поради тоа што уникатниот креативен израз и идентитет на филмот одекнува толку далеку и допира една толку различна култура од европската, која јасно го препознава квалитетот на филмот“,  изјави режисерката Тамара Котевска.

Веднаш по Токио, филмот ќе биде истовремено прикажан во Лондон и Лос Анџелес. Во Лондон, ќе биде дел од 12-то издание на European Psychoanalytic Film Festival, на 16 ноември, а во Лос Анџелес ќе биде прикажан како дел од New Filmmakers Los Angeles Film Festival, каде во фокус се млади автори.

Конечно, во ноември македонската публика ќе има прилика да го погледне овој исклучителен филм од можеби најважната македонска млада, прогресивна филмска авторка, два пати номинирана за Оскар, Тамара Котевска.

Главни продуценти на „Патување пеш“ се GRAIN MEDIA од Англија, а на македонската страна копродуцентскиот потпис го става ОХО продукција. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ