вторник, 22 октомври 2024
Димитар Љоровски Вамваковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Појавата на македонскиот протонационализам

Патот кон создавањето на македонската национална посебност

Досегашната македонска историографија, како и историографиите на соседните балкански држави, обработувајќи го прашањето за појавата на македонскиот протонационализам (раѓањето на македонството/македонизмот), претежно сè уште остануваат затворени.

Тоа се должи пред сè на фактот што националните историографии нудат и претставуваат сопствени национални перспективи и нарации за етничккиот карактер на мнозинското христијанско население и за историјата на регионот Македонија. Особено карактеристично е создавањето на националните теории и претстави за појавата и прифаќањето на националните идеи меѓу доминантното македонско словенско население, почнувајќи од доцноосманлискиот период, па сè некаде до втората половина на 20-от век. Оттука, првичната разлика меѓу постарите национални историографии (грчкта, српската и бугарската) со македонската е во тоа што кај првите појавата на македонизмот го детектираат многу подоцна, некаде меѓу двете светски војни, и најчесто како увезен (вештачки) национализам, за разлика од официјалната историографија на Р. Македонија, кој тој процес го лоцира од последните децении на 19 век, каде што се појавуваат, врз основа на тогашните општествено-политички околности во Османлиската империја, првите идеи и акции на македонистите. Негацијата на овој процес од страна на балканските историско-национални нарации се должи првенствено на фактот што национализмот на новоформираните балкански нации-држави бил во значително поголема општествена присутност меѓу македонското словенско население. Меѓу балканските историографии во последно време постои и уште еден феномен преку кој се обидуваат да ја објаснат појавата на раниот македонизам.

Имено, тие го прикажуваат македонскиот протонационализам како директен продукт на замислените (измислените) наративи од страна на противничките национализми, т.е. прикажувајќи дека во нивниот меѓусебен националистички конфлик за создавање на своја нација во османлиска Македонија, индиректно ги создавале и постулатите на македонскиот национализам. Така, на пример, српскиот национализам во креирањето на контраргументи против бугарските тврдења за „аргументирано“ докажување дека Македонците не се Бугари, туку нешто друго, поблиску до српското, најчесто индиректно го создавале и македонскиот протонационализам. Истовремено, тие насочуваат на дисконтинуитети, на малцинскиот карактер и на непостоењето организирани масовни дејства кај раниот македонизам, особено потценувајќи ја неговата динамика во споредба со организираното делување на терен на останатите конкурентски национализми.

Како и да е, овие „факти“ на балканските историографии не покажуваат и не докажуваат дека раниот македонизам не постоел, туку напротив, го имало и се развивал, но во сосема различни околности меѓу населението и на теренот од оние што им биле на располагање како механизми на националните идеологии на балканските држави.

Според грчкиот историчар Тасос Костопулос, македонскиот протонационализам, како уште еден политички феномен, делува донекаде слично со веќе формираните национални партии (грчки, бугарски, српски) во османлиска Македонија во овој период, но и во многу сегменти делувајќи и квалитативно различно од нив, бидејќи не располагал со сопствена институционална основа и стабилна надворешна поддршка. Тој се изразувал подобро како неизречена динамика во внатрешноста на веќе постоечките етнички и религиски единства и национални движења во македонскиот регион. Костопулос смета дека во суштина не станува збор за „еден“ македонизам, туку за многу повеќе: многу облици на изразување на македонската посебност и идентитет кон соседните национални центри, нивните механизми и меѓусебно исклучувачки замислени заедници што ги предлагаат на нивната локална заедница. Како одговор на дел од автохтоните заедници и нивните интелектуалци кон зголемувачкиот национален натпревар и неговите ефекти, продолжува Костопулос, овој низ на македонизми не располага ниту со своја партија, ни со надворешна целост на соодветните партиски идеологии. Неговите претставници се должни да маневрираат меѓу овие конкурентски центри, да дебатираат, да соработуваат, а понекогаш и да капитулираат со или од нив, од причини што се навраќаат на потребата за нивниот физички опстанок.

На крајот на краиштата, смета Костопулос, македонистите и нивната идеологија не се ништо друго освен уште една верзија на овој национален натпревар, некогаш свесно, а некогаш несвесно, создавајќи истовремено идеолошка база на контрарепрезентации на минатото и ветувања за иднината во главите на истата генерација словеноговорни Македонци кои поминаа низ училиштата на ривалската национална пропаганда. Од практични причини, формирањето на овие рани фази на различните македонизми не треба да се следат како единечен тек, туку како паралелни концепции, во зависност од околината во која секој од нив се формира. Нивниот паралелен напредок, се разбира, не ја исклучува нивната меѓусебна комуникација, кога истите луѓе последователно учествуваат во повеќе од една од овие концепции, оставајќи го да го открие нивниот заеднички пат: опасноста за новата македонска национална интелектуална средина, како за општествена категорија што се создаде од самата динамика на националниот (образовен) натпревар, била опстанокот во околината, пропратена со многу ризици.

Крајот на 18 и почетокот на 19 век бил период на драматични трансформации и модернизација во повеќе сегменти од општественото, економското и политичкото живеење во Европа. Несомнено круцијално значење во појавата на нациите на Балканскиот Полуостров (некаде порано, некаде подоцна) било влијанието од Западна Европа. Духот на слободата извирал од Француската револуција, чии универзални визии биле доживувани како средство за ослободување од различните потиснувања и доминации во најразлични сегменти на секојдневниот живот на поединецот. Под влијание на либерализмот и на романтизмот, како и идеите за национална посебност, промовирани на германските универзитети, на османлискиот Балкан почнало да се развива просветителството. Овој период претставувал време на интензивно преплетување меѓу западните и модерни идеи на национализмот, од една страна, и локалните менталитети, од друга страна, негувани од православието и османлискиот милет систем.

Во османлиска Македонија, со појавата на македонските интелектуални (преродбенски) дејци и формирањето на посебни црковно-училишни општини од локалното словенско население, започна поизразеното нагласување на словенската посебност на голем дел од населението на овие простори. Оваа фаза (панславизам) означува борба против патријаршиската црква и целосната доминација на грчкиот јазик во локалните училишта и цркви, што во крајна линија подразбира иницирање на процес на одвојување на „Словените“ од православниот идентитет, кој во тоа време, под влијание на грчкиот национализам минувал низ фаза на грцизирање. Имено, оваа реакција на „преродбата“, под влијание на Volk концептот, почна да се обликува како посебен „словенски јазичен и културен идентитет“. Во оваа прва фаза од „будењето“ на македонското словенско население (1814-1870) не постои тенденција за формирање национална и територијална свест, или чувство за припадност, ниту кај преродбениците, а уште помалку меѓу самото население. На почетокот, на овој нов јазично-културен идентитет се чини му недостасува јасно диференцирана политичка платформа, додека религијата продолжува да биде примарен фактор на мобилизација, но сега синтетизирана со јазикот и културата, и идејата за заедничка „словенска раса“. Карактеристика на оваа фаза од „словенското будење“ е тоа што таа се одвивала истовремено на целата територија на османлискиот Балкан, секаде каде што егзистирало или каде што било доминантно словенското население. Оттука, и покрај силната реакција на грчките патријаршиски институции против ова движење, постоела опасност и тенденција раниот бугарски национализам целосно да го преклопи и да му даде карактер на бугарско национално движење. Имено, контактите и соработката меѓу образованите поединци во османлиска Македонија и Бугарија кон остварување на заедничкиот интерес за „словенското будење“ и колективната борба против грчката културна доминација придонесоа бугарската национална идеја да се прошири низ македонската територија.

Оттука, според историчарот Ендрју Росос, многу поранешни грчки позиции ги зазедоа бугарските патриоти или македонските Словени образувани во бугарските училишта во Османлиската империја или во Русија. Оваа ситуација, додава Росос, резултирала со наплив на бугарски учебници, весници и учители, а по училиштата и црквите почнало да се користи бугарскиот јазик. Меѓутоа, кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години од XIX век, кај дел од образованиот македонски кадар се појави реакција на бугарските национални тенденции. Поточно, противречностите и конфликтите во рамките на ова заедничко движење предизвикани од социјалниот конзерватизам и одбранбената ксенофобија, во комбинација со одредени скромни аспирации, имале драматичен ефект врз животот на некои од македонските преродбеници. Со други зборови, промовирањето на македонската етничка (и потенцијално национална) посебност започнала во рамките на словенско-бугарското движење, наспроти веќе воспоставените карактеристики на бугарскиот национализам и неговите централни органи. Овој процес го детектирал и бугарскиот политичар и публицист, Петко Рачов Славејков, во еден негов текст од јануари 1871 година во Истанбулскиот весник „Македонија“. Славејков идентификувал неколку елементи на раниот македонизам претставен од оние што тој ги нарекува „македонисти“. Првиот елемент се напорите за лингвистичка култивација и училишно образование на македонски словенски дијалекти, наспроти обидите за воспоставување на бугарскиот јазик во образовниот систем во османлиска Македонија. Вториот елемент на „македонизмот“ критикуван од Славејков е промовирањето на прадедовските митови кои ги поврзува македонските Словени од XIX век со античка Македонија, што се среќава во повеќе текстови и натписи од тој период. Третиот елемент што го користеле македонистите, забележан од бугарскиот политичар, е отфрлањето на бугарскиот национализам на „расна“ основа во името на „словенската чистота“, т.е. поврзувањето на современите Бугари со нивните несловенски предци, а различни од предците на македонските Словени. Треба да се напомене дека кај овие македонисти во развојот на македонскиот протонационализам значајно е постоењето идеја на замислена татковина која вклучува дефинирање на нејзините граници, во чии рамки егзистираат замислените заедници. Ваквата идеја создала чувството за татковина именувана како Македонија. Ова било создадено во услови на солидарност и слика заснована на постоење на „природни граници“ на замислената територија, која на свој начин ја дефинирала нејзината посебност.

Па така, на пример, еден од најраните македонисти, Ѓорѓи Пулевски во еден од неговите речници дава јасна дефиниција за Македонија и Македонците: „Нашата татковина се вика Македонија и ние се именуваме Македонци“. Зборувајќи за славното минато, Пулевски се повикува на македонските антички кралеви Филип и Александар, како и на словенските просветители Кирил и Методиј.

Големата Источна криза (1875-1881) на историската сцена го исфрлила т.н. македонско прашање, кое со различен интензитет и развој опстојува до денес. Македонија во тоа време била регион „без јасни граници, па дури и без формално постоење како административен османлиски ентитет“. Сепак, нејзината територија, население, историја, култура и економски ресурси станале поле на жестоки конфликти меѓу младите балкански национализми и државни структури, Османлиската Империја и интересите на Големите сили. Во овој период развојот на македонскиот протонационализам влезе во нова фаза, посебно со создавањето на Егзархијата (1870) и Кнежеството Бугарија (1878). Веќе институционализираниот бугарски национализам, првенствено во рамките на бугарската држава, а потоа и преку дозволената национална пенетрација, особено преку институциите на Егзархијата (Булгар-милетот), имала за цел да создаде бугарска нација меѓу македонското словенско население на територијата на османлиска Македонија. Покрај ова, кај бугарскиот национализам се истакнува тенденцијата за потиснување, преклопување или целосно уништување на секаков вид промоција и развој на македонскиот протонационализам и истакнувањето на етно-јазичната посебност на македонското словенско население.

Меѓутоа, дефинирањето и разграничувањето на територијата на Кнежеството Бугарија и османлиска Македонија даде дополнителен поттик кај некои македонски интелектуалци во развојот на раниот македонизам. Од една страна, со формирањето на бугарското кнежество како конкретна форма на државност, се исполнија условите за целосно дефинирање на карактерот на бугарскиот национален идентитет, кој почна да се создава во панславистичката фаза во Османлиската Империја. Тоа, од друга страна, de facto ја исклучи Македонија врз основа на посебноста на институционалниот контекст и предуслов за развојот историските процеси. Едноставно, дошло до физичко одвојување на патиштата на македонското словенско и бугарско население, кои во новите услови егзистирале во сосема различни општествени и економски услови, различни потреби и приоритети, но и споделувале различни судбини и лојалности. Во новите околности, бугарскиот државен национализам, користејќи ги привилегиите дадени од Високата порта на Егзархијата, доби можност да се институционализира и на тој начин директно да се соочи и да се натпреварува со соседните балкански национализми преку создавање, привлекување и броење членови на Булгар милетот. Оттука, најсериозната и најодлучна верзија на раниот македонизам, која се развила во деведесетите години на XIX век, се појавила во рамките на егзархиската заедница во османлиска Македонија и меѓу нејзината интелигенција во Империјата и во самото бугарско кнежество.

Оваа верзија на македонски протонационализам првично се манифестирала исклучиво како локален (регионален) тренд, кој брзо, политички, генерира широко незадоволство од дејствувањето на бугарската државна политика. Различните судбини, идеи, интереси и лојалности доведоа до постепени политички ферментации и „сепаратистички“ тенденции кои се манифестираа во две различни средини: меѓу македонската емиграција во Бугарија и во рамките на егзархиската заедница во османлиска Македонија. Овие средини комуницирале меѓу себе и делумно се преклопувале, но ги задржале карактеристиките наметнати на секоја од различните политички и општествени организации во двете земји. Очекувани биле негативните чувства и отпорот на приврзаниците на раниот македонизам кон таквата политика од официјална Софија, што несомнено ги навело да конструираат другост што било подеднакво насочено кон јазичната дистинкција во однос на грчкиот, но и политичката во однос на бугарскиот и српскиот фактор.

проф. д-р Димитар Љоровски

(продолжува)

КОЛУМНИ

Филип Клетников

Војна против поединецот! Или: Што не научивме од Макс Штирнер

Миле Ѓорѓијоски

Драг мој земјаче Фатмир Дехари!

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ