Како што стои во реакцијата, упатена до министерот за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, во интервју за бугарската медиумска куќа Нова.бг, амбасадорката Мило за македонското малцинство користи терминологија која „не само што е неприфатлива, туку и навредлива за идентитетот и интегритетот на оваа автохтона заедница“.
„Во овој контекст, бараме јавно извинување од Министерството за Европа и надворешни работи и од амбасадорката Мило за употребата на овој термин со кој се навредува нашата заедница и да се преземат чекори за да не се повторат вакви случаи, кои сериозно ги поткопуваат односите меѓу македонската заедница и албанските институции“, стои во реакцијата на МАЕИ.
Потенцираме, се додава, дека ова не е изолиран случај.
„Минатата година, при објавувањето на резултатите од пописот, и албанскиот Институт за статистика го користеше терминот „Северномакедонци“ за македонското малцинство, предизвикувајќи силни реакции во нашата заедница. Македонската заедница, која секогаш придонесувала за мирот и хармонијата во Албанија, чувствува длабока неправда од овие навредливи квалификации“, се наведува понатаму.
Во прилог испраќа и копија од интервјуто на амбасадорката Мило за бугарската медиумска куќа Нова.бг како референца.
„Ве повикуваме да преземете неопходни мерки за заштита на достоинството на националните малцинства и да осигурате дека институциите и албанските претставници ги третираат соодветно и со почит“, се бара во реакцијата потпишана од Васил Стерјовски, претседател на партијата.
Реакцијата, освен до Хасани, доставена е и до Ерлинда Баланца, народен правобранител, Роберт Гајда, комесар за заштита од дискриминација, до делегација на Европската Унија во Тирана, мисијата на ОБСЕ, канцеларијата на Советот на Европа, амбасадата на САД и македонската амбасада во Тирана.