сабота, 27 јули 2024

Партиите поднесуваат измени за личните документи, спикерот повикува на координација, премиерот бара решениe

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска соопшти дека до Владата поднел измени на законите што се однесуваат на патните исправи и возачките доволи, а истото тоа го направи и ВМРО-ДПМНЕ со предлог-имените доставени до Собранието. И пратеничката група на СДСМ ќе поднесе предлог-измени за продолжување на важноста на сообраќајните дозволи, осигурителните полиси и сообраќајните книшки, соопшти Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ. Поради ова, претседателот на парламентот Јован Митрески побара координација помеѓу пратеничките групи, а премиерот Талат Џафери најави дека дел од проблемот ќе се решава преку закон, а другиот дел преку одлука на Влада.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот Тошковски објасни дека во законските измени треба промена на редоследот на четири бројки во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и во Законот за патни исправи на државјаните.

Тошковски нагласи дека нема доволен број обрасци за пасоши и возачки дозволи за да се задоволат потребите на граѓаните.

„Сакам македонските граѓани да знаат една работа, дека се лажени упорно во континуитет. Лажени се од сите. Прво, само матичната држава што издала документ може да го поништи тој документ. Многу е просто. Второ, одговорно тврдам дека со овие предлог-измени не го кршиме принципот на исполнување на обврските преземени со меѓународниот договор. Трето, ова се рокови во коишто е можно согласно со објективни, технички, нормални, можни… капацитети да ги издадеме во соодветен број и едните и другите документи. Ова е реалноста. Сакам македонските граѓани да знаат дека нема доволен број обрасци ниту за пасоши ниту за возачки дозволи за да се задоволат потребите на граѓаните. Тоа е факт. Измените на законите се единствено нормално возможно и системско решение што може да ги реши проблемите од една страна, а од друга страна да не предизвика флагрантно кршење на човековите права и од трета страна да не повредува ниту одредби од меѓународен билатерален договор. Ова е единственото соломонско решение. Сѐ друго е козметика, шминка и популизам“, рече Тошковски.

Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, се работи на измена на одредбите од двата закони коишто предвидуваат завршување на роковите по однос на патните исправи и по однос на возачките дозволи. Со оваа измена, рече тој, ќе се продолжи одредбата за да можат да важат и во наредниот период.

Пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски, утрово најави дека пратениците од неговата партијата во Собранието ќе поднесат предллог законски измени за продолжување на важноста на возачките и сообраќајните дозволи, на осигурителните полиси и на сообраќајните книшки.

„Со измени на законите се предвидува граѓаните и понатаму да може да ги користат личните документи на територијата на државата. Во меѓувреме граѓаните не смее да се казнуваат, никој не смее да биде казнет за учество во сообраќајот“, рече Каевски.

Во меѓувреме претседателот на Парламентот Јован Митрески од пратеничките групи побара да дејствуваат координирано „за да се дојде до најбрзото и најдоброто решение, кое ќе биде во интерес на граѓаните, а кое во исто време нема да наштети на почитувањето на меѓународните правни акти кон кои како држава сме се обврзале“

Техничкиот премиер Талат Џафери најави дека денеска ќе оди во Собранието за да се разгледаат можностите за надминување на проблемите со употреба на возачките дозволи и пасошите чиј рок истекува вечер на полноќ согласно Преспанскиот договор.

„Секако дека размислуваме и за законско решение и во текот на денот ќе имаме и соодветна одлука, имајќи предвид дека денеска треба да одам во Собранието поради други обврски. Секако веќе е искоординирано да имаме заедничка средба, значи со Собранието, со пратениците и евентуалните решенија да ги дефинираме како закон, а другиот дел од можните решенија преку одлука на Влада“, изјави денеска Џафери.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ