сабота, 27 јули 2024

ВМРО-ДПМНЕ бара итна седница за пасошите и возачките дозволи, Митрески бара координација меѓу пратениците

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара свикување на итна седница во Собранието на  која ќе се расправа за хаосот што настана со истекот на рокот за промена на личните документи особено за пасошите и возачките дозволи. Претседателот на Парламентот Јован Митрески на денешната координација со координаторите на пратеничките групи побара Собранието да преземе итни чекори со цел да се надмине состојбата која произлезе од примената на Преспанскиот договор.

Објавено на

часот

Сподели

„ВМРО-ДПМНЕ бара итна седница за пасошите и возачките дозволи за да се поправи понижувањето што безрбетниците Пендаровски, Спасовски, Бујар, Артан, Заев, Ковачевски, Зечевиќ и Маричиќ им го приредија на државјаните на Македонија. Со сервилноста кон трети држави ги затворија македонските граѓани во ‘државен притвор’ од граничниот премин Табановце до граничниот премин Богородица. Ветуваа интеграција, а го донесоа народот во состојба на буквална изолација. Полошо не било“, напиша на својот фејсбук профил, пратеникот Антонијо Милошоски објавувајќи и список со имињата на пртениците кои се потпишале на ваквото барање.

Собранието да преземе итни чекори со цел да се надмине состојбата која произлезе од примената на Преспанскиот договор, односно проблемот кој се појави со возачките дозволи, побара претседателот на Парламентот Јован Митрески, на денешната координација со координаторите на пратеничките групи.

„Тој истакна дека има најави дека пратеничките групи ќе достават различни предлози за законски измени, поради што нагласи дека пратеничките групи треба да дејствуваат координирано за да се дојде до најбрзото и најдоброто решение, кое ќе биде во интерес на граѓаните, а кое во исто време нема да наштети на почитувањето на меѓународните правни акти кон кои како држава сме се обврзале“, информираат од Собранието.

Од Парламентот посочуваат дека Митрески најавил оти уште денеска ќе иницира состаноци со министрите за внатрешни работи, за финансии, за надворешни работи,  како и со првиот човек на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

„Истовремено, претседателот на Собранието информираше дека ќе одржува ад хок состаноци со координаторите на пратеничките групи со цел заеднички да најдат решение за настанатата ситуација“, известуваат од законодавниот дом.

Од Собранието соопштуваат дека Митрески побарал од координаторите да ги информираат пратениците дека доколку е потребно ќе закаже итна собраниска седница во текот на денешниот ден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ