недела, 27 октомври 2024

Палестинските фракции се согласија да формираат влада на единство и да ја прекинат окупацијата

Различни палестински фракции, вклучувајќи ги Хамас и Фатах, се согласија да ги прекинат поделбите и да го зајакнат националното единство со потпишување на Пекиншката декларација, објавија денеска кинеските државни медиуми. Тие на состанокот во Пекинг постигнаа договор за формирање влада на единство за формирање палестинска држава и ставање крај на окупацијата, пренесоа палестинските медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштението објавено на крајот од вчерашниот состанок, претставниците на различните фракции се согласија да формираат привремена влада на национално единство и да ги обединат институциите на Западниот брег и Газа, да почнат со реконструкција на Појасот Газа и да се подготват за одржување избори што е можно поскоро.

Не е даден датум за избори и формирање нова влада, но во соопштението се наведува дека ќе биде одреден распоред, пишува Тајмс оф Израел.

Во нивната завршна изјава, фракциите „се обврзуваат на формирање независна палестинска држава со Ерусалим како главен град“ и „дека гарантираат враќање на палестинските бегалци во согласност со Резолуцијата 194“, одлука на ОН од 1948 година.

Фракциите понатаму се согласуваат за правото на Палестинците „да се спротивстават и да ја прекинат окупацијата“ во согласност со меѓународното право.

На самитот присуствуваа 14 палестински фракции, меѓу кои и Фатах, која ја предводи Палестинска управа, како и милитантните групи Хамас и Исламски џихад.

Борците на Хамас насилно ја исфрлија Фатах од Појасот Газа по смртоносните судири што следеа по убедливата победа на Хамас на изборите во 2006 година.

Делегацијата на милитантната група во кинеската престолнина, предводена од високиот функционер Муса Абу Марзук, наводно завчера ги прекинала билатералните разговори со претставниците на Фатах, кои требаше да се подготват за вчерашниот самит.

„Денеска потпишуваме договор за национално единство и изјавуваме дека националното единство е патот што треба да се следи за да се заврши тој процес. Се обврзуваме да го поддржиме националното единство“, рече Абу Марзук.

Неколку претходни обиди за помирување меѓу Хамас и Фатах пропаднаа, но повиците за помирување се зголемија од 7 октомври, а порасна и насилството на Западниот Брег, каде што е седиштето Фатах.

Оваа година, рунда разговори се одржа во Москва во февруари, а потоа во април, чиј домаќин беше Кина.

Средбата закажана во кинеската престолнина за јуни беше одложена за оваа недела.

Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, го поздрави потпишувањето на договорот од страна на 14 палестински фракции, кој предвидува формирање преодна влада на национално помирување во Појасот Газа по војната.

„Најистакнатиот дел од договорот предвидува формирање преодна влада на национално помирување по војната во Газа“, рече Ванг откако палестинските фракции потпишаа заедничка декларација.

Фатах, основан од историскиот палестински лидер Јасер Арафат, и ривалот на Фатах, Хамас, кој води војна во Газа против Израел, се противници откако Хамас ја собори Палестинска управа од Појасот Газа во јуни 2007 година, по повеќе од една година политичка криза и насилство по парламентарните избори.

Меѓутоа, израелската војна во Газа против Хамас повторно ги поттикна повиците за преговори меѓу двете палестински фракции.

Кинеската дипломатија оцени дека може да поттикне внатрепалестинско помирување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ