сабота, 19 октомври 2024

Пакистанскиот суд повторно го обвини поранешниот премиер: „Тоа е заговор на САД и војската“

Пакистанскиот суд денеска го обвини поранешниот премиер Имран Кан за оддавање државни тајни, што е нов удар за затворениот лидер кој сака да се кандидира на изборите следната година. Обвинението се однесува на доверлива телеграма испратена до Исламабад од пакистанскиот амбасадор во Вашингтон минатата година. Кан е обвинет дека ја направил јавна.

Објавено на

часот

Сподели

Кан, поранешна ѕвезда на крикетот, се изјасни за невин и тврди дека содржината на телеграмата претходно била објавена во медиумите од други извори. Казната за ова дело е до 14 години затвор или дури и смртна казна, според пакистанските адвокати. Ова е втор пат Кан да биде обвинет за истото дело, откако високиот суд претходно го укина обвинението поради технички причини, бидејќи постапката, наводно, не била почитувана.

Кан тврди дека телеграмата е доказ за заговор на пакистанската војска и американската влада да го соборат од власт во 2022 година, откако тој ја посети Москва неколку дена пред руската инвазија на Украина. Вашингтон и војската ги отфрлаат тие тврдења.

Кан победи на последните општи избори во 2018 година и сега има неколку процеси кои се водат против него. Тој ги отфрла како обид за политички прогон. Тој веќе беше осуден за корупција и доби три години затвор.

Таа казна беше условна, но тој останува во притвор по други обвиненија, вклучително и поттикнување насилство и оваа за оддавање државни тајни. Ова го спречува да се кандидира на изборите следната година, но неговиот правен тим се обидува да го ослободи со кауција и забраната да се укине.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ