вторник, 22 октомври 2024
Реакции стигнуваат од партии, од здруженија, од општини...

Остри реакции за евтаназијата на Дуња, се бара оставка од Арсовска и затворање на ЗОО Скопје

„Следнава прес-конференција ќе ја започнам со една реченица, а тое е, Данела Арсовска е најголемото зло што му се случило на Скопје во поново време, Данела Арсовска време ти е за оставка. Изразуваме  најдлабок револт и загриженост поради катастрофалните услови во кои се држат животните во Скопската зоолошка градина“, изјави Стефан Кирков од ВМРО-ДПМНЕ по денешната информација дека беше евтаназирана слоницата во скопската Зоолошка градина. 

Објавено на

часот

Сподели

„Сите ние сме сведоци на неодамнешните трагични настани кои ги вклучуваат смртта на слоницата, жирафите, пингвините и најновиот прикривање на смртта на бизонот кој исто така е починат пред месец дена под неразјаснети околности. Ги повикуваме надлежните институции веднаш да го испитаат работењето на директорот на Скопската зоолошка градина и на градоначалничката на Скопје. Мора да се утврди како биле третирани животните и дали биле почитувани сите закони за благосостојба на животните. Не може да се премине преку фактот дека слоницата, најголемата атракција на зоолошката градина, тајно е носена замислете од Скопската золошка градина до скопската депонија, со намера да се сокрие нејзината смрт. Каков ум е тоа што мисли дека ќе скрие смрт на слон? Ова е чин на непочитување и отворено криминално однесување. Ја повикуваме градоначалничката на Скопје и од неа поставениот директор Зоран Попов да пристапат одговорно кон ова злосторство врз Скопје и скопјани. Нивното срамно и неспособно раководење доведе до оваа трагична ситуација и тие мора да одговараат пред јавноста и пред законот. Нашите граѓани заслужуваат да знаат што се случува со нивните пари и институции“, се вели во реакцијата на Кирков од ВМРО-ДПМНЕ.

Денешната вест за трагичната смрт на една од слониците Дуња во скопската зоолошка градина повторно разбуди бес и загриженост за благосостојбата на дивите животни кои под параван на „едукација и забава” се држени како затвореници во современа човечка творевина нималку слична на нивниот природен хабитат, е реакцијата на Анима мунди во врска со случајот со слоницата во скопската Зоолошка.

„Како некоја досега невидена и нечуена шема на смрт, се почесто низ годиниве наназад се случува класичен помор на дивите животни во ЗОО Скопје под неразјаснети околности и образложенија за кои јавноста е скептична и се сомнева дека позади сите овие трагедии се крие негрижа и неуспешно менаџирање. Бараме независна истрага од надворешни експерти за да се обезбеди објективност и темелност, да се утврдат основните причини за овој помор без разлика дали се поврзани со медицинска нега, услови за живеење или практики на управување. Бараме да биде даден на увид на јавноста извештајот од докторите по ветеринарна медицина од Белгија кои ја прегледале Дуња. Бараме итно затварање на зоолошката градина во Скопје бидејќи условите не се во согласност со принципите на хуман и етички третман на животните и нималку се едукативни и забавни“, се вели во реакцијата на Анима мунди.

Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува загриженост за случувањата во скопската Зоолошка градина и бара одговорност во врска со последниот скандал на смртта на слоницата Дуња.

„Бидејќи не станува збор за прв случај, да потсетиме дека само пред некој месец угинаа жирафите, тигрицата, пингвин, кланицата со расните коњи а прашање на време е кое животно ќе биде следно со оглед на третманот и условите кои ги добиваат животните од страна на директорот и менаџментот на Зоолошка Градина под директно управување од градоначалничката Данела Арсовска и градот Скопје. Оттука ЛДП бара итно расчистување на случајот и транспарентност од страна на надлежните органи во врска со овие инциденти се со цел да се гарантира безбедноста и благосостојбата на животните во Зоолошката градина, но и на посетителите кои го користат ова место за рекреација. Либерално-демократската партија (ЛДП) бара оставка од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, поради нејзиното катастрофално менаџирање на градските институции и неспособност да се справи со проблемите на градот. Според ЛДП, проблемите не се само во ЗОО Скопје. Скопјани сведочат на секојдневни проблеми со хигиената, парковите и нивното одржување, ЈСП се претвори во претпријатие без автобуси со зголемени долгови од месец во месец. Лошото управување на јавните претпријатија под нејзина надлежност се главни причини за ова барање“, се вели во реакцијата на ЛДП.

Страшно и жално е тоа што се случува во скопската Зоолошка градина. Местото кое до пред три години беше на сите насловни страници во светсите медиуми, кое беше пример за добар менаџмент и грижа за животните, ВМРО-ДПМНЕ и нивната најдобра менаџерка Данела го претворија во хорор филм, реагираат од СДСМ.

„Последните информации дека угинала слоницата Даела за која нема никаква јавна информација од кои причини е кулминација на негрижата и уништувањето на ова прекрасно место. Видеото кое кружи по социјланите мрежи од транспортот на животното до Дрисла е врв на иживувањето. Во последните месеци и години угинаа многу животни, две жирафи, тигар, коњи и други животни. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, кои Данела Арсовска на граѓаните им ја продадоа како најдобрата менаџерка, а потоа се скараа заради бизнис интереси, треба да одговараат за оваа нечовечност. Скопје е град кој тоне во хаос, во ѓубре, каде владее негрижа и нечовечност и единствени виновни за оваа состојба се ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ.

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски во објава на својата официјална страна на фејсбук се осврна на скандалот со Зоолошката градина, како и состојбата во Јавните претпријатија на градот Скопје.

Во објавата, градоначалникот Стефковски напиша дека нашето Скопје и скопјани не го заслужуваат ова.

„Утрово сите нас не дочека веста дека угинала една од слониците во Зоолошката градина што не е прв скандал во функционирањето на институцијата во последниот период. Жално и крајно неодговорно е однесувањето на менаџментот на Зоолошката градина, а секако и на градоначалничката Арсовска да се сокрие од јавноста еден ваков случај. И ова не е единствениот скандал кој последните денови го има во нашето Скопје. Уште пострашна е состојбата во ЈСП Скопје каде што гледаме во континуитет како автобуси се палат, остануваат дефект, а граѓаните ни колабираат од топлото време бидејќи не работат уредите за климатизирање на автобусите. Ништо поразлично не е и во ЈП Комунална хигиена. Претпријатието има во функција мал број на возила за подигање на комуналниот смет и како резултат на тоа улиците во градот се полни со ѓубре по неколку недели. Едноставно во градот Скопје функционира единствено промената на директорите на јавните претпријатија. Ниту Скопје, ниту скопјани не го заслужуваат ова! На Скопје час поскоро му е потребна функционална градска администрација и функционални Јавни претпријатија кои ќе бидат сервис на скопјани“, напиша Стефковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ