вторник, 22 октомври 2024

Основното образование, комуналната полиција и пожарникарите во фокусот на Собранието на ЗЕЛС

Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) денеска ја одржа петтата седница на Генералното собрание, а во фокусот на седницата се потпишувањето на меморандумот за соработка со Владата и новата формула за распределба на блок дотациите за основно образование утврдена од страна на Министерството за образование и наука.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, изјави дека анализите на УНИЦЕФ ги потврдиле долгогодишните барања на Заедницата дека блок дотацијата за оваа намена е недоволна и дека е потребно зголемување од најмалку 30 проценти.

„ЗЕЛС бараше блок дотацијата да се пресметува со однапред утврдена сума на трошоците по ученик, а тоа го предвидува и новиот предлог. Формулата требаше да се примени од наредната 2024 година, но поради недостаток на финансиски средства централната власт ја одложи нејзината примена и повторно ни ги префрли обврските без соодветно финансирање на општините“, рече Ѓорѓиевски.

Претседателот на Синдикатот за образование наука и култура, Јаким Неделков, кој исто така присуствуваше на седницата, се надоврза на блок дотациите за образование и рече дека со оглед на тоа што во 2024 година планирано е буџетите за финансирање на локалните самоуправи да се намалат, тоа значи дека дејноста детска заштита и образование, нивните буџети значајно ќе се намалат по основа на Колективниот договор.

„Од таа причина и ние мораме да изнајдеме заемни прифатливи решенија на ниво на ЗЕЛС и СОНК со коишто ќе се надминат отворените прашања. Се разбира тука не смееме да ја заборавиме и централната власт, буџетирањето од централната власт којшто се чини дека неизбежно ќе мора да има корекции во формулата за финансирање и потребните средства коишто треба да се сервисираат, локалната власт кон корисниците, а тоа се училиштата и градинките како и другите установи коишто се на локално ниво да се финансираат и овие институции да функционираат без никакви посериозни проблеми“, рече Неделков. 

На седницата на генералното собрание на ЗЕЛС се дискутираше и за предизвиците со финансирањето на противпожарните единици.

„Најголемиот број општини не го исполнуваат законски утврдениот број на пожарникари, а опремата е стара и несоодветна за обезбедување на квалитетна услуга. По доставувањето на иницијативата од ЗЕЛС до Парламентот и разговорите со министерот за финансии успеавме во ребалансот на буџетот на обезбедиме дополнителни 60 милиони денари со наменски дотации за оваа надлежност, а добивме и ветувања дека ќе се обезбедат согласности за дополнителни вработувања на пожарникарите“, изјави претседателот на ЗЕЛС.

Освен тоа, Ѓоргиевски се осврна и на барањата на ЗЕЛС за обезбедување на комунална полиција.

И во однос на прашањето околу имотните даноци, претседателот на ЗЕЛС рече дека и тука имаат затворена врата од институциите затоа што за услугата во која што ќе треба да се ажурира системот и тие податоци да ги прибави општината од Катастарот се бара да се одвојат огромна сума на пари што е дополнително отежнување на процесот на општините.

Тој како пример го спомна Централниот регистар, кој бесплатно ги добива податоците од Катастарот, додека на општините се наплатува, што според него, не е фер и не е коректно.

„Имаме низа дописи до Владата и до Катастар каде што го посочувам примерот на Централен регистар и останатите коишто ги добиваат услугите бесплатно, бараме истото да се обезбеди за општините, затоа што на крајот на денот сите ние партиципираме во државните буџети, во касите на државата. Од тие државни буџети и каси се финансира институцијата Катастар и логички е да ги добиваме тие податоци како општини бесплатно“, посочи Ѓорѓиевски.

Според потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу, децентрализацијата е проблем сам за себе бидејќи, како што рече, во тој контекст нема чекори што би се опишале како позитивни.

„Првата врата на граѓаните се општините, ние треба да бидеме нивен сервис, но од многуте барања што се упатуваат кон нас ние не можеме да ги решаваме поради тоа што немаме ингеренции и затоа не сме експедитивни во тој контекст и затоа многу предмети и многу барања секогаш завршуваат низ лавиринтите“, нагласи Ганиу.

Тој исто така направи споредба со Косово, која како многу помлада држава е многу понапредна која „оди со забрзани чекори за разлика од нашата земја“.

Пред започнувањето на седницата, сите членови застанаа на минута молк во знак на почит за трагичната смрт на младата Вања Ѓорчевска. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ