вторник, 22 октомври 2024
Америка продолжува со посочување на корумпирани поединци

Орце Камчев на црната листа на САД поради корупција, последици ќе имаат и неговите бизнис партнери

Објавено на

часот

Сподели

„Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) назначи едно лице, Јордан „Орце“ Камчев, во Северна Македонија во согласност со Извршната наредба (E.O.) 14033. Денешното назначување ја нагласува континуираната посветеност на Соединетите држави да промовираат одговорност за поединци и субјекти кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и друго дестабилизирачко однесување“, пишува во соопштението од министерството.

Според нив, Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија.

Во нивното соопштение се споменува и случајот „Плацови на Водно“ во кој Камчев е обвинет за перење на пари, а се наведува и признанието на вина на Камчев во случајот „Империја“ во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси.

„Дополнително, Камчев го искористи своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист. Во 2020 година, главната обвинителка на Специјалното обвинителство (СЈО) беше обвинета за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поволни услови за апсење и исход на случајот. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главната обвинителка и други лица, тврдејќи дека тие го изнудувале. Основниот граѓански суд Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“, се дополнува во соопштението.

Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, на својот фејсбук профил објави дека овие санкции не влијаат само на имотот на Камчев, туку и на оние кои имаат бизнис со него.

„САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци кои го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста на Северна Македонија. Корупцијата има последици“, напиша Агелер.

САД неодамна го ставија на црна листа и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко и неговото потесно семејство за вклученост во корупција, а вчера на црната листа на САД беше ставена и македонската фирма Сајтрокс како шпионска закана за САД.

На листата на санкции на Одделот за финансии на САД, покрај Мерко и Камчев се наоѓаат и Мендух Тачи, Љубе Бошкоски, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени. Американското министерство за финансии минатата година ја прошири црната листа, на која се најдоа и имињата на поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски и поранешниот прв човек на тајната полиција, Сашо Мијалков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ