понеделник, 21 октомври 2024

Орбан го покани својот шведски колега на разговори за приемот на Шведска во НАТО

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска на мрежата Икс објави дека испратил писмо до својот шведски колега Улф Кристерсон за да разговараат за приемот на Шведска во НАТО во Будимпешта.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Унгарија и Турција се единствените членки на Алијансата кои сѐ уште не ја прифатиле Шведска во НАТО. Ова бара едногласно одобрување од сите членки, а одложувањето од повеќе од една година на Будимпешта и Анкара да го одобрат ги фрустрира другите кои сакаат да ја прошират Алијансата поради руската војна во Украина.

Орбан одамна вети дека Унгарија нема да биде последна што ќе го ратификува приемот на Шведска во Алијансата, но најверојатно Турција ќе ја претекне, чиј Парламент, според турските медиуми, оваа недела ќе гласа за приемот на Шведска, бидејќи тој веќе е одобрен од Комисијата за надворешна политика на Парламентот во јануари.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се откажа од своето противење на приемот на Шведска минатата година како одговор на напорите на Стокхолм да дејствува, на негово барање, против поддржувачите на курдските милитанти и другите групи во Шведска кои Анкара ги гледа како закана за својата безбедност.

Додека Орбан вели дека неговата влада го поддржува приемот на Шведска во алијансата, тој тврди дека пратениците од неговата владејачка партија Фидес не се убедени поради, како што ги нарече, „флагрантните лаги“ од шведските политичари за состојбата на демократијата во Унгарија.

Шведска и Финска се откажаа од децениската неутралност и побараа прием во НАТО, загрижени за безбедноста поради руската инвазија на Украина. Минатата година Финска стана 31-ва членка на НАТО, откако Унгарија и Турција беа последните две земји што го ратификуваа нејзиното барање.

Доколку за ова прашање не се свика вонредна седница на унгарскиот парламент, првата можност кога би можело да се разгледа приемот на Шведска е редовната седница, која се очекува дури на 26 февруари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ